gsmarena_002

Според протечени информации, кинескиот производител ќе продолжи со честото лансирање на нови таблети и покрај тоа што нивната продажба паѓа. Нивниот нов натпреварувач во средната класа ќе се вика TAB3 PLUS и ќе има прилично добри спецификации, кои ќе го направат солиден таблет за мултимедијалните корисници.

Благодарение на Snapdragon 625 чипот и 3 GB рам меморија, со овој таблет ќе можете да уживате во скоро сите мобилни игри на 8 инчниот дисплеј со Full HD резолуција. Исто така, веројатно и не треба да се спомене, ова ќе биде одличен таблет за гледање филмови и серии, особено што ќе биде достапен во верзии со 32 и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD.

Lenovo TAB3 PLUS ќе биде опремен и со задна камера со 8 мегапиксели иако веројатно нема премногу да ја користите. Онаа камера која сигурно ќе ја користите, предната, има 5 мегапиксели, што е веројатно доволно за поголемиот број на корисници, но навистина производителите треба да почнат кај таблетите да ги ставаат подобрите камери напред.

Она во кое овој таблет би требал да биде импресивен е траењето на батеријата. Точни информации за нејзиниот капацитет нема, но со сигурност знаеме дека Snapdragon 625 е веројатно најштедливиот чип во моментов на пазарот, па од TAB3 PLUS можеме сигурно да очекуваме користење од барем два дена.

Од друга страна, таблетот најверојатно ќе доаѓа со вграден Marshmallow 6.0 – ќе беше добро да има вграден Android Nougat 7.0, но нема премногу да се жалиме, бидејќи многу од најскапите таблети и телефони сѐ уште се лансираат со постарата верзија.

Сѐ уште нема информации за тоа кога ќе биде лансиран овој таблет или пак која цена ќе ја има, но поради квалитетот на фотографиите и информациите, очекувам наскоро Lenovo да ни го претстави и да не опслужи со најважната информација за крајниот корисник.

Извор: Digital Trends, GSM Arena, Tech Times

Претходна статијаSamsung спрема двојна камера „ала iPhone“ за новиот Galaxy S8
Следна статијаORWL е компјутер со клуч, бидејќи заштитата со лозинка понекогаш не е доволна