Корејскиот гигант дефинитивно спрема нова револуција во дизајнот на паметните телефони. По Edge моделите, кои имаат дисплеј кој е заоблен на страните, тие сега спремаат смартфон со дисплеј кој ќе може лесно да се превитка.

Од патентот не е целосно јасно кои се сите функции на овој концепт паметен телефон, но може да се погоди дека едниот крај на телефонот ќе може да се „одвитка“ со цел корисникот да има поголем дисплеј или обратно за телефонот да биде помал.

Исто така, овој модел е составен од два посебни делови – едниот е дисплејот, додека другиот е делот кој ги содржи сите останати компоненти. Ова е потребно поради тоа што во моментов и нема внатрешни компоненти кои можат да се виткаат, а особена пречка се батеријата и матичната плоча. Во случај кога корисникот сака да го свитка дисплејот, двата дела се лизгаат еден од друг.

Покрај футуристички изведениот дисплеј, патентот најавува и посебна камера, која може дополнително да се прикачи на телефонот. Според тоа, оваа камера би требало да понуди подобри перформанси од веќе вградената, нешто слично како Moto Z моделите, кои имаат можност за прикачување на дополнителен мод со камера со зум.

Овој патент на Samsung, барем со овие информации што ги имаме, делува прилично комплицирано, па голема е веројатноста и никогаш да не го видиме на пазарот. Сепак, многу од компонентите кои ги содржи, сигурно ќе имаат своја намена во некој од идните паметни телефони или други уреди на производителот.

Извор: GSMArena, Phandroid, PhoneArena

Претходна статијаЕксперт од светскиот софтверски гигант „SAP“ ги обучуваше македонските студенти
Следна статијаЕУ го одобри договорот за купување на LinkedIn од страна на Microsoft