relaxation-1388228_640

Американската истражувачка компанија Gartner, излезе со својот редовен извештај за продажбата на мобилни телефони, како и пазарниот удел на мобилните оперативни системи. Најновиот извештај е за првата четвртина од 2016, а направена е и споредба со истиот период од минатата година.

Податоците од компанијата покажуваат дека продажбата на паметни телефони е порасната за 3,9% во споредба со истиот период во 2015. Продажбата на паметни телефони сочинува 78% од вкупната продажба на телефони, што покажува дека во светот се’ уште има голем пазар за таканаречените feature телефони.

Во првите три месеци од оваа година биле продадени нешто повеќе од 349 милиони уреди, додека истиот период минатата година таа бројка изнесувала 336 милиони.

Од оваа бројка на продадени уреди, убедливо првото место го држи Samsung со продадени 81 милиони уреди, наспроти 51 милион продадени уреди од второпласираниот Apple. Останатите позиции ги држат Huawei со 28 милиони, Oppo со 16 и Xiaomi so 15 милиони продадени уреди.

Интересни се и податоците за пазарното учество на мобилните оперативни системи. Како што и се очекува Android го држи првото место без шанса некој да му се доближи, а во споредба со мината година го има зголемено пазарното учество за 5,3%, односно од 78,8% на сегашните 84,1%.

Далечното второ место го држи iOS со 14,8% пазарен удел, што е големо намалување од минатогодишните 17,9%.

Она што не изненадува во податоците, со оглед на претставените нови уреди и слично, е падот на уделот на Windows Phone под 1%, па сега оперативниот систем држи мали 0,7% од пазарот.

Ова веќе никого не изненадува, а најверојатно и не загрижува. Microsoft ги држи повеќето уреди кои работат на нивниот оперативен систем, а последните години претстави многу мал број од нив, па нема како да се зголеми пазарното учество.

Надежта за некаков раст на пазарниот удел лежи во новиот Windows 10 Mobile, којшто стана достапен неодамна, па се очекува и другите производители да почнат да претставуваат уреди со овој оперативен систем. Што се однесува до Microsoft, тие најверојатно оваа година нема да претстават нов уред, па главниот акцент останува на Surface Phone за идната година.

Извор: Gartner, The Verge

Претходна статијаChromebook лаптопите за прв пат повеќе продавани од MacBook во САД
Следна статијаМодуларниот “Project Ara” телефон на Google во продажба од наредната година
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.