Кога се во прашање брзините на поврзување, денес скоро секој производител на чипови има модем кој е способен за брзини од 1 Gbps, кои се скоро максимумот кој го може денешната 4G мрежа. Сепак Qualcomm е веројатно најспремен за наредната генерација, односно 5G.

Имено, компанијата веќе тестираше 5G мрежа на референтен мобилен уред (смартфон), во кој е вграден X50 модемот кој тие го претставија на почетокот од оваа година, но кој сѐ уште не се вградува во смартфоните бидејќи мрежите не се спремни за такви брзини.

Наскоро, благодарение на напредокот на технологијата на Qualcomm, ова би можело да се случи, особено што референтниот дизајн на смартфонот со кој тие ја тестираат оваа мрежа ќе биде даден на сите хардверски партнери, со цел тие да можат побрзо да имплементираат таков модем во нивните телефони.

5G инаку ќе донесе голем напредок во поглед на брзината – уште од почетокот, од Qualcomm велат дека реалната брзина на поврзување ќе биде околу 1 Gbps и би можела наскоро да порасне на дури 5 Gbps, што е брзина која денес не може да се замисли ниту кај интернетот за домашни корисници.

Ова е постигнато благодарение на нова антена, која работи на 28 GHz милиметарски спектар на бранови и која има прилично мали димензии кои и овозможуваат да биде вградена во еден паметен телефон, за разлика од конкуренцијата, чии вакви антени се многу поголеми.

Според Qualcomm, првите смартфони со 5G чип ќе пристигнат во првата половина на 2019 година.

Извор: Engadget, The Verge, BBC

Претходна статијаКапитол мол подарува цел месец
Следна статијаFacebook Explore Feed достапен и на десктоп