Еден од најпознатите кинески производители, кој сега е споен со Oppo како компанија, го претстави својот најнов смартфон од највисоката класа. One Plus 10 Pro е телефонот кој донесува одредени подобрувања во споредба со неговиот лански претходник, OnePlus 9 Pro.

Оваа нова верзија од OnePlus може да се каже дека донесува надградба на ланските карактеристики, па како што е стандардно кај повеќето производители кои реално не секоја година можат да донесат значителни разлики, OnePlus 10 Pro донесува доволно разлика кај компонентите кои имаат нови верзии.

Како главна новина од овој аспект слободно може да се каже дека е новиот Snapdragon 8 Gen 1, кој има доволно големо подобрување во споредба со претходниот Snapdragon 888. Ова значи дека корисниците можат да очекуваат подобрување на перформансите на нивниот уред, па дури и ако го имаат претходниот модел.

На овој чип се надоврзува и изборот до 12 GB RAM, како и до 256GB простор за податоци кој како што би се очекувало е UFS 3.1.

OnePlus 10 Pro се разликува и по дизајнот на задната страна каде модулот за камерите сега е доста поголем, а може да се каже дека дизајнот на модулите отиде во „интересен“ правец кај повеќето производители.

На овој модул се поставени три камери, односно 48 мегапиксели кај главната камера, 50 мегапиксели кај широко аголната камера, како и 8 мегапиксели кај камерата наменета за зумирање. На предната страна камерата има 32 мегапиксели.

Оваа година продолжува соработката на OnePlus со Hasselblad, па корисниците добиваат посебно оптимизиран режим на сликање, нешто што посебно ќе им се најде на нешто понапредните корисници.

Батеријата на OnePlus 10 Pro е со одлични 5.000 mAh, а се полни со огромниот полнач со 80W, како и безжично со 50W. Ова значи дека полнењето на нивниот уред корисниците нема да го прават повеќе од половина час и тоа доколку батеријата е доволно испразнета.

Екранот кај OnePlus 10 Pro е со големина од 6,7 инчи и има резолуција од 3.216 на 1.440 пиксели и стапка на освежување од 120 херци. Ова е дополнето со втората генерација од LPTO технологијата на екранот, што значи дека стапката на освежување се прилагодува брзо на начинот на користење на телефонот, односно апликацијата што се користи во моментот.

ИЗВОРZDNet
Претходна статијаSamsung Galaxy S21 FE 5G од сега достапен и во Македонија
Следна статијаНови филмови и серии на Pickbox NOW
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.