Наредната генерација од Motorola RAZR се очекува да дојде со доста поголем надворешен екран и со тоа тој да има повеќе функции од обично прикажување на часот, времето и известувањата.
Сликите од телефонот ги објави Evan Blass, а сега тој излезе со понови слики кои подобро го прикажуваат екранот заедно со можностите за негово прилагодување.
Од тоа што може да се види од сликите, надворешниот екран ќе го зафаќа скоро целиот простор на едната половина од уредот. Ова ќе овозможи информациите многу полесно и појасно да се гледаат, но и додатни функции, а сигурно многу подобро сликање.
Екранот ќе може да се прилагодува, па корисниците ќе можат да ја менуваат поставеноста на елементите, буквите, боите, звуците, а најинтересно од се, големината на екранот.
Менувањето на големината на екранот во основа овозможува тој да се подели на делови и со тоа корисниците добиваат помал дел на кого се прикажуваат информации за известувањата.
Друга информација која ја објавува Evan Blass е дека овој телефон е наречен Motorola RAZR 40 Ultra. Ова значи дека оваа година серијата можно е да дојде со два модели, односно овој Ultra модел и уште еден основен RAZR 40.
Не е точно познато кога ќе бидат претставени овие телефони, но според најавите од директорот на Lenovo, тоа би требало да биде наскоро.