Претставувањето на Galaxy S11 од Samsung се очекува да биде во февруари, но како и изминатите неколку години, се чека на точната дата поради тоа што од компанијата веќе не го користат саемот во Барселона, MWC, за претставување на нивните уреди.

Според познатиот „протекувач“ на информации Ice universe, дата кога ќе бидат претставени уредите од Galaxy S11 серијата ќе биде 18-ти февруари. Настанот, односно Samsung Unpacked, ќе биде исто како лани, во Сан Франциско.

Заедно со Galaxy S11-ките се најавува претставување и на нов телефон со екран кој се превиткува. Според некои тоа ќе биде втората генерација од Galaxy Fold, но Ice universe најавува целосно нов уред чиј екран овој пат ќе се превиткува на хоризонталната линија.

Тоа значи дека овој уред ќе има еден екран кој ќе се затвора и со тоа ќе се добие помал уред, односно како што е случајот со новиот Motorola RAZR.

Овој уред би требало да дојде и со нешто пониска цена, со оглед на тоа што ќе има еден екран со големина стандардна за смартфон, за разлика од Galaxy Fold којшто има екран како помал таблет компјутер и уште еден помал екран за користење на уредот како телефон.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.