Кинескиот производител не е прв кој вгради проектор во преносен уред, но се чини е единствен кој и натаму ја продолжува идејата. Новиот Yoga Pad 3, исто како и претходникот, има вграден проектор, но истиот е сега ротирачки, што значи дека полесно може да го наместите за идеална слика на ѕидот или платното.
Проектор во таблет се чини како корисна работа, особено за вршење кратки презентации, но и за гледање филмови навечер. Овој во Lenovo-то може да продуцира остра слика до 70 инчи во дијагонала, што секако не е за потценување. Сепак, светлината не му е на нивото на дедицираните проектори и не планирајте дека ќе можете да гледате филм преку ден, односно во осветлена просторија. Од друга страна, во таблетот се вградени четири JBL звучници, кои треба да овозможат многу подобар звук отколку кај другите таблети, што е добредојдено за филмофилите.
Покрај можноста за проектирање на сликата, Yoga Pad 3 има и прилично солидни останати можности. Процесорот е Intel Atom со четири јадра, помогнат од 2 GB рам меморија, додека екранот има големина од 10,1 инчи и одлична резолуција од 2560х1440 пиксели. Во очи паѓа и ултра големата батерија од 10.200 mAh, која според Lenovo овозможува 18 часа непрестајно користење, што е само за пофалба.
Камерите се исто така импресивни, како за таблет, со 13 мегапиксели задна и 5 мегапиксели предна. Не дека некогаш ќе фотографирате со таблетот, но добро е да се има ваква камера за скенирање документи и слично.
Цената на Yoga Pad 3 е 399 долари, што е во рамките на високата класа, но како и да е, ова е моментално единствениот таблет со вграден проектор, па можеме и да ја оправдаме.
Извор: Techno Buffalo, Engadget