Lenovo изминатата недела претстави нов телефон со комбиниран бренд, односно Lenovo ThinkPhone by Motorola. Овој телефон е замислен да им овозможи на корисниците на ThinkPad уредите од Lenovo поврзано корисничко искуство, како и додатна безбедност. Поради ова се гледа дека ThinkPhone е пред се бизнис смартфон, но не гледаме причина зошто не би го користеле и останатите фанови на компанијата.

Lenovo ThinkPhone го прави користењето на два уреди од компанијата, кратко кажано, исто како да сте во Apple екосистемот. Телефонот и другите уреди, како на пример лаптоп, лесно се поврзуваат, па со таа поврзаност се овозможуваат неколку корисни функции.

Поврзаноста на ThinkPhone со ThinkPad е интересно наречена Think 2 Think, а на корисниците им ги овозможува следните функции. Заеднички „clipboard“, односно се што ќе се копира на едниот уред, како на пример текст, слика, скенирани документи и видеа може да се прикачи на другиот уред.. Исто така корисно, известувањата од телефонот се гледаат на другите уреди, па корисниците секогаш ќе бидат во тек со сите информации. Споделувањето на датотеки е исто така лесно изводливо со новата поврзаност, а исто така може да се вклучуваат апликациите од мобилниот на другите уреди. Доколку на некого му фали добра веб камера, ThinkPhone може да се користи како таква, па корисниците можат да ја користат камерата за било која апликација за разговори на другите уреди. Последно, интернет конекцијата на ThinkPhone лесно може да се искористи од другите уреди, доколку тоа е потребно.

Доколку сте или сте биле Apple корисник, сето ова ви е познато и веќе одамна достапно. Ваквата поврзаност на iPhone со Mac е една од предностите на користењето на уредите од таа компанија.

Microsoft им овозможува вакво нешто на корисниците на Samsung во главно преку нивната апликација Phone Link, но од наше искуство не секогаш функционира брзо и стабилно како што е случајот со Apple. Lenovo на своите корисници ќе им го донесе ова искуство, а разликата која се добива не е мала.

Како што нагласивме на почетокот од статијата, Lenovo ThinkPhone е пред се бизнис смартфон, па поради тоа доаѓа со додатни безбедносни функции, како што се софтверски решенија, но и посебен чип кој ги заштитува важните информации. Тука е и можноста повеќе телефони лесно да се прилагодат и менаџираат преку еден центар од страна на администраторите.

Изгледот на ThinkPhone е веднаш препознатлив за корисниците на ThinkPad. Задната страна е изработена со познатата црна боја и „арамид влакна“, алуминиумска рамка и Gorilla Glass Victus. Од страна е достапно е познатото црвено копче од ThinkPad, а корисниците ќе можат да го прилагодат за брзо отворање на одредени апликации, како и за „walkie-talkie“ режим со Microsoft Teams.

ThinkPhone доаѓа со 6,6 инчен FHD+ OLED екран, а работи на Snapdragon 8+ Gen 1, има батерија со капацитет од 5000 mAh, како и две задни камери со 50 и 13 мегапиксели.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Lenovo
Претходна статијаНа CES 2023, Samsung ја претстави SmartThings Station која ги прави паметните домови подостапни за сите
Следна статијаAfeela е заедничкиот бренд за електрични автомобили на Sony и Honda
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.