PFI1

ASUS ја освежи својата PadFone линија на 2-во-1 телефон/таблет уреди со новиот ASUS PadFone Infinity. Едно од главните подобрувања кај Infinity во однос на своите претходници (PadFone и PadFone 2) се новите дисплеи кои овојпат доаѓаат во Full HD резолуција и на телефонот и на таблет додатокот.

Новиот телефон е со димензии од 143.5 x 72.8 x 8.9 милиметри и тежи 145 грама. Големината на екранот на телефонот изнесува 5 инчи и е со резолуција од 1920 x 1080 пиксели, што воедно претставува значајна надградба споредено со 4.7 инчниот 720p екран на PadFone 2, како во однос на резолуција, така и во агол на видливост и приказ на бои. Дисплејот, исто така има одлична стапка на реакција на допир во износ од 65 милисекунди. Батеријата е со капацитет од 2.400 мили-ампер часови, 260 повеќе од таа во PadFone 2 телефонот, што овозможува 19 часа континуирани разговори, 6.5 часа континуирано сурфање на интернет, 9 часа континуирано гледање на видео содржини, односно 410 часа standby. Главната, задна камера повторно го користи истиот сензор како и претходникот и е со резолуција од 13 мегапиксели, додека споредната предна камера која кај PadFone 2 телефонот е со резолуција од 1.2 мегапиксели, сега е заменета со 2 мегапикселна камера. Infinity телефонот функционира врз основа на 4-јадрен Qualcomm Snapdragon 600 процесор со работна фреквенција од 1.7 гигахерци и графички процесор Adreno 320. На располагање има 2 гигабајти LPDDR2 RAM меморија и 32, односно 64 гигабајти eMMc Flash меморија зависно од вашата потреба, но при изборот треба треба да се земе предвид дека телефонот нема слот за дополнителна експанзија со microSD картичка. На самиот врв од телефонот се наоѓа 3.5 милиметарски аудио приклучок, а на долниот дел се сместени микрофонот и micro-USB конекторот. Самата конструкција на телефонот е солидна и е изработена од алуминиум, додека заштитното стакло на екранот е отпорно на гребење. На долниот заден дел се наоѓа PadFone логото кое во исто време служи и како NFC антена. ASUS PadFone Infinity е достапен во три бои: “титаниум сива”, “жешка розова” и “шампањ златна”.

PFI2

Таблет додатокот е со димензии од 264.6 x 181.6 x 10.6 милиметри и сам по себе тежи 532 грама, односно 677g кога на него е закачен телефонот. Дисплејот е со големина од 10.1 инчи и прикажува резолуција од 1920 x 1200 пиксели, за разлика од PadFone 2 таблет дисплејот кој е со резолуција од 1280 x 800 пиксели. Батеријата на Infinity таблет додатокот е иста како и кај неговиот претходник и е со капацитет од 5.000 мили-ампер часови. На задната страна од таблет додатокот се вградени звучник со дијаметар од 18 милиметри и микрофон, додека на десниот страничен дел е лоциран micro-USB конектор. На предната страна се наоѓа камера со резолуција од 1 мегапиксел.

PFI3

ASUS PadFone Infinity работи на Android Jelly Bean 4.1 оперативнот систем. Со секој купен Infinity следува простор од 50 гигабајти кој ќе ви биде на располагање бесплатно во рок од две години преку ASUS WebStorage сервисот. Infinity доаѓа со голем број на пре-инсталирани, ексклузивни ASUS апликации како MyBitCast со која можете да правите текстуални, аудио и видео белешки кои се чуваат во cloud сервисот и се достапни во секое време на сите ваши уреди; ASUS Story преку која можете да креирате албуми со ваши “фото приказни” и истите да ги споделувате со други; ASUS Echo апликацијата која има улога на ваш личен асистент, односно овозможува преку гласовни команди да пребарувате контакти, да правите и примате повици, да ја активирате камерата, да го местите алармот и сл.; SuperNote 3.1 со која можете да креирате белешки додека сте во движење и потоа истите да ги прегледувате користејќи гласовни команди, а исто така поддржува и конверзија на рачно напишан текст; Instant Dictionary апликацијата која ви овозможува инстантно да преведувате разни зборови и фрази од веб страни, мејлови и апликации без потреба од доплнителни алатки; и многу други.

Претходна статијаСе за Google Glass
Следна статијаLG го креираше првиот WiDi LCD панел