Веројатно не треба да споменувам, но големината на батериите во Galaxy S смартфоните на Samsung последниве две години не се покачуваше како што би се очекувало, а особено по проблемите со запалување на батериите кај Galaxy Note 7.
Samsung сепак нема да остане на ова – тие работат на нова технологија за производство на матични плочи, која ќе ги направи нив помали, со цел да отвори простор за поголема батерија и евентуално други компоненти во нивните смартфони од високата класа наредната година, како на пример Galaxy S9.
Според информациите кои ги имаме, новата технологија се вика SLP (Substrate Like PCB) и истата ќе биде достапна само со Exynos чиповите. Ова значи дека би можело да се случи верзиите со Exynos процесори да имаат поголеми батерии – разликата нема да биде огромна, тука зборуваме веројатно за околу 100 mAh, но ќе ја има.
Новата SLP технологија инаку овозможува ставање на повеќе компоненти на плочата, со тоа што тие се редат вертикално во слоеви, наместо во ширина. На овој начин, плочата зафаќа многу помала површина од внатрешноста на смартфонот, простор кој потоа може да се искористи за поголеми батерии.
Овие информации сепак земете ги со задршка – Galaxy S9 е телефон кој нема да биде претставен наскоро и сите информации кои ги добиваме за него се повеќе претпоставки на оние кои ги познаваат новите технологии, иако токму оваа и не би требало да се исклучи, бидејќи сепак се работи за Samsung.
Извор: Android Authority, Digit, NDTV