Уште не се официјално претставени Galaxy Note 8 и iPhone 8, а ние веќе зборуваме за Galaxy S9. Признаваме, преокупирани сме со тоа што ни носи иднината, а ако може да се верува на новите информации за Galaxy S9, таа ќе биде прилично светла.

Имено, наследникот на супер успешната S8-ка повторно ќе има Infinity Display со супер мала рамка и заоблен екран на страните (веројатно и со помала рамка од претходно), но за разлика од претходникот, ќе ја има и функцијата која толку долго ја очекувавме – читач за отпечатоци вграден во самиот дисплеј.

Она во кое не сме целосно сигурни е дали Samsung ќе биде прв со ваква технологија или многу поважно, дали ќе ја извади пред Apple. Поголем број на извори тврдат дека новиот iPhone 8 нема да има таков читач за отпечатоци, што би можело да биде голема победа за Samsung, особено што главниот конкурент овој пат ќе биде навистина импресивен.

Според информациите до кои има дојдено Techno Buffalo, Samsung веќе тестира прототип уреди на Galaxy S9 со екраните од Galaxy Note 8 со големина од 6,3 инчи. Доколку оваа технологија се покаже дека функционира беспрекорно, таа потоа би се префрлила во екраните на S9 и S9+, кои повторно ќе имаат големина од 5,8 односно 6,2 инчи.

Нормално, овие информации земете ги со голема задршка, но како и да е, тие потврдуваат една работа, а тоа е дека читачите за отпечатоци многу наскоро ќе почнат да се вградуваат во самите дисплеи на нашите смартфони. Технологијата е тука, само треба добро да се испегла пред да стигне на пазарот.

Извор: TechnoBuffalo, BGR, Value Walk

Претходна статијаAvast ја купува Piriform – компанијата која стои зад развојот на познатиот CCleaner
Следна статијаСкопје подготвено за одржување на УЕФА Супер Купот 2017