Кинезите повторно напаѓаат – Elephone, заедно со производителот на чипови MediaTek, ќе го лансираат првиот телефон со 10-јадрен “Decacore” процесор. Но, дали две јадра плус ќе донесат значителен напредок во перформансите?
Брзиот одговор е секако не. Поголемиот број на јадра кај телефоните стануваат маркетиншки трик, бидејќи реално нема апликација што ќе ги искористи сите од нив. Сепак, MediaTek Helio X20, како што се вика новиот процесор со 10 јадра, во архитектурата ќе има две нови ARM Cortex A72 јадра со брзина од 2.5 GHz, кои треба да донесат напредок во перформансите во однос на Cortex A57, дизајн кој моментално го користат производителите во изведбите со осум јадра.
Останатите осум јадра интересно ќе бидат ARM Cortex A53, четири од нив со брзина од 2.0 GHz и четири од нив со брзина од 1.4 GHz и ќе се користат само за полесните задачи, бидејќи имаат помала потрошувачка на енергија. Секако, малку е нејасно зошто воопшто би се користеле дури осум вакви јадра, кога веќе има две супер моќни јадра за потешките задачи, но од MediaTek ветуваат дека овој процесор ќе биде најизбалансиран досега на пазарот, а во поглед на потрошувачката и перформансите.
Helio X20 и натаму ќе се изработува со транзистори со големина од 28 nm, иако Cortex A72 дизајнот, барем по препораките на ARM, треба да се изработува по 16 nm процес за постигнување на максималните перформанси. Процесори со помали транзистори со ваков дизајн ќе можеме да видиме дури наредната година.
Извор: Android Central