Иако Apple ја прошири понудата на таблети со голем, 12,9 инчен iPad Pro модел, за многумина сепак тој беше преголем, додека обичниот iPad пак премногу мал. Конкуренцијата од Android и Windows 10 сцената веќе има конкуренти со големина од 10,1 до 10,6 инчи, кои се многу подобри за работа со тастатура отколку iPad со дисплеј од 9,7 инчи и скоро подеднакво преносни.
Наредната година Apple веројатно ќе го исправи ова со нов модел со дисплеј со големина од 10,5 инчи, кој покрај поголемиот дисплеј, веројатно многу поважно, ќе има и поголема тастатура која ќе биде полесна за пишување од реално малата тастатура која доаѓа со помалиот iPad годинава. Интересно, ова не е информација, туку анализа на аналитичарот Минг-Чи Куо, која според сите останати истражувачи од светот на технологијата, може да се покаже и како многу точна.
Новите iPad модели со 10,5 и 12,9 инчи инаку треба да имаат супер моќни A10X процесори, изработени со супер мали транзистори од 10 nm, благодарение на производителот од Тајван TSMC, кој ќе биде прв во светот што ќе има вакви чипови. Овој чип во iPad опасно ќе ги доближи перформансите на процесорите во лаптопите, што може да повлече и правење на многу посериозни апликации за работа од страна на дивелоперите.
Најмалиот iPad модел со дисплеј од 9,7 инчи веројатно и натаму ќе го користи Apple A9X процесорот, што значи дека тој модел ќе биде наменет како стандарден таблет за пошироките маси, додека двата поголеми уреди ќе ја носат “Pro” наставката во името.
Според Куо, во 2018 година пак се очекуваат уште поголеми промени во iPad линијата, која како и iPhone-ите кои ќе бидат претставени таа година ќе добие AMOLED дисплеи, кои треба драматично да го подобрат квалитетот на сликата, но и да ја намалат потрошувачката.
Сите овие подобрувања сепак нема да придонесат iPad да ја врати популарноста од порано – продажбата на таблети продолжува да опаѓа и од тоа нема да може да се спаси ниту најпродаваниот на листата. Исто така, жестоката конкуренција, особено од Windows 10 секторот, каде производителите нудат евтини и целосно опремени бизнис решенија, може дополнително да зададе удар на планот на Apple да ги врати iPad уредите на нивото на продажба од пред неколку години.