Како производител кој особено се грижи неговите корисници за имаат најмазно можно користење на уредите, Apple во моментов има прилично збунувачки еко систем на приклучоци. Имено, нивните лаптопи се полнат преку USB Type-C, додека таблетите и смартфоните преку Lightning приклучок.
Затоа, они кои денес користат повеќе Apple производи, треба да носат различни полначи за различни уреди и воопшто, да користат различни други приклучоци. На пример, Lightning USB мемориски стик кој ќе работи на iPhone и iPad нема да може да работи на MacBook, а дури и слушалките кои доаѓаат со iPhone 7 не можат да се приклучат на лаптопите на Apple.
Ова веројатно ќе се смени и за прв пат во историјата, iPhone и iPad ќе имаат стандардизирани конектори. Ова не е само добро за еко системот на Apple, туку и за целиот пазар воопшто. Со таа промена, нема да треба да барате специјален кабел или приклучок за iPhone – сите ќе функционираат на него (иако сум сигурен дека Apple ќе направи некој тип на заштита).
Информацијата дека Apple ќе се префрли на USB Type-C доаѓа од Wall Street Journal и јас сепак би ја земал со задршка, особено што ова значи дека сите Lightning производи кои корисниците ги купиле во текот на годините сега нема да важат. Исто така, Wall Street Journal повеќе дава претпоставка и нема некоја поткрепа.
Како и да е, сето ова ќе го дознаеме набрзо – протечените информации за iPhone 8 наскоро ќе почнат да се појавуваат на интернет мрежата.
Извор: The Next Web, The Verge, Fox