iphone-7-7plus

Apple штотуку ги претстави двата нови iPhone 7 и 7 Plus паметни телефони, кои донесуваат низа подобрувања во однос на своите претходници, особено кај камерата на 7 Plus, која ќе има два сензори назад, кои ќе овозможат своевиден оптички зум и можност за фотографирање со плиток фокус.

Да почнеме од почеток. Дизајнот е воглавно ист како оној на претходниците, но со нова изработка, нови бои и линии за антената кои сега се сместени на работ на телефонот. Барем на фотографии, новите телефони оддаваат чувство на многу поунифициран дизајн, со помеки линии на краевите. Особено добар впечаток остава Jet Black варијантата, која има црн финиш како огледало, кој оддава луксузен впечаток. Новитет е и црната боја, која ја заменува темно сивата, додека останатите три – сребрена, златна и розово златна се исти како кај претходните модели.

iphone7

Нов хардверски елемент кај iPhone 7 и 7 Plus е “Home” копчето, кое веќе не е вистинско копче, туку има вграден 3D Touch. Ова е направено со цел телефонот да може да биде водоотпорен и тоа по IP67 стандардот, што го става рамо до рамо со Galaxy серијата на Samsung. Ова значи дека нема да мора да се грижите дека ќе ви се уништи прилично скапиот уред доколку ви падне во вода, макар тоа било и базен или морска вода – iPhone 7 сигурно ќе преживее до метар длабочина, максимум 30 минути. IP67 значи и дека е отпорен на песок и прашина, што значи дека нема да треба да се грижите дека ќе ви влезе песок од плажа…

iphone 7 (3)

Од друга страна, Apple го тргна стандардниот излез за слушалки – отсега за тоа ќе се грижи Lightning излезот. Ова разбесни многу фанови и воопшто луѓе од сферата на технологијата, иако јас лично се сложувам дека треба промени во овој антички интерфејс се додека производителите овозможат друг стандарден тип на излез – како што стојат работите сега, ќе има слушалки со USB Type-C и Lightning. Исто така, отсега нема да можете да слушате музика на слушалките и да го полните телефонот во исто време, освен ако не купите посебен адаптер.

lightning-headphone

А сега за најголемиот и веројатно најважен новитет кај новите телефони – новите камери. Помалиот iPhone 7 ќе има само подобрена камера во однос на претходникот – сензорот и натаму ќе има 12 мегапиксели, но леќата ќе има f1.8 бленда, што значи дека ќе овозможи влез на многу повеќе светло, а истата е сега опремена и со оптичка стабилизација, што дополнително ќе помогне во фотографирањето навечер.

iphone 7 (2)

Ѕвезда на денот е сепак камера на iPhone 7 Plus, поточно двете камери во задниот дел. Едната леќа е истата како кај iPhone 7, so 28 mm фокална должина, додека втората има 56 mm фокална должина, односно има повеќе зум. Префрлањето од една кон друга леќа Apple го има направено прилично мазно, за корисниците да се чувствуваат како да користат оптички зум. Сепак, не очекувајте премногу – ова е само два пати оптички зум, иако според мене 56 mm е солидна фокална должина за фотографирање портрети.

iphone 7 plus (1)

Двете камери ќе овозможат и фотографирање со плиток фокус. Досега веќе неколку производители лансираа вакви можности, некои повеќе, а некои помалку успешно, но ниту еден со резултат кој може да го замени оној од „професионалните“ апарати. Знаејќи ја експертизата на Apple во областа на софтверот, очекувам нивниот систем да е најдобар досега, иако дури и од фотографиите што ги покажаа на настанот, не сум убеден дека резултатите ќе бидат макар и блиски до оние од „професионален“ фото апарат со голем сензор. Двата нови модели пак ќе бидат опремени со нова предна камера со 7 мегапиксели, што е одлична вест за селфи ентузијастите.

iphone7--

Новите iPhone-и ќе бидат опремени и со нов A10 Fusion процесор со четири јадра, кој нуди вкупно 50% подобри перформанси, што ако е навистина така е голем удар кон конкуренцијата, како на пример Qualcomm Snapdragon 820, која успеа само да се израмни со веќе стариот Apple A9 процесор. Големи подобрувања има и во графиката, која според Apple сега овозможува визуелни ефекти во игрите како кај конзолите, а дуплиран е и просторот за складирање податоци – сега има модели со 32, 128 и 256 GB, што е супер вест.

iphone 7 plus (3)

Подобрувања добија и дисплеите – големината останува иста, односно помалиот има 4,7 инчен, додека поголемиот 5,5 инчен дисплеј, двата можат да прикажат повеќе бои и имаат 25% повеќе светлина, но остануваат на „античките“ Retina резолуции. Од Apple велат дека оптимизациите ќе овозможат и подолго траење на батеријата, до 2 часа кај помалиот и 1 час кај поголемиот модел, а одлична вест за оние кои сакаат да гледаат видеа на својот телефон се двата стерео звучници, од кои едниот, истиот оној за зборување на телефон е поставен во предниот дел. Новите iPhone-и доаѓаат и со новиот iOS 10 оперативен систем, кој донесува низа подобрувања во однос на својот претходник.

iphone 7 (1)

На крај цените – во Европа iPhone 7 32 GB ќе чини 759 евра (649 долари во САД), моделот со 128 GB 869 евра (749 долари), додека моделот со 256 GB ќе чини 979 евра (849 долари). Поголемиот iPhone 7 Plus ќе почнува од 879 евра за 32 GB моделот (769 долари во САД). Македонија за жал нема да биде меѓу првите земји од Европа кои ќе го добијат моделот, но очекуваме тоа да се случи наскоро. Во меѓувреме, телефонот ќе биде достапен во Косово, Бугарија и Грција од соседните земји, за оние кои се нетрпеливи да го имаат.

iphone-lineup

Претходна статијаWindows 10 замрзнува после Anniversary Update? Еве како да го решите проблемот
Следна статијаMicrosoft ќе претстави Surface „се во едно“ компјутер во Октомври