gsmarena_002

Од производител кој скоро и да го заборавивме, Alcatel прерасна во сериозен играч на смартфон сцената, а пред се благодарение на одличните паметни телефони од Idol серијата, кои донесуваат многу карактеристики и можности од високата класа, во поевтино пакување. Новите два модели од оваа линија, кои на MWC беа и официјално претставени, имаат и моќни спецификации и треба да бидат трн во окото на популарните телефони како iPhone и Samsung Galaxy серијата.

Помоќниот од двата модели, Idol 4S, има Quad HD AMOLED дисплеј (2560х1440 пиксели) со големина од 5,5 инчи – исто како најдобрите смартфони во моментов. Во внатрешноста е вграден и Snapdragon 652 процесорот со осум јадра и Adreno 520 графика, што треба да е доволно за флуидно работење на оперативниот систем и апликациите, иако не се работи за чип од највисоката класа на Qualcomm, односно Snapdragon 820.

gsmarena_003

Чипот ќе има помош од солидни 3 GB рам меморија и 32 GB простор, секако со можност за проширување преку micro SD картичка. Камерите се исто така одлични – задната има 16 мегапиксели со леќа со бленда f2.0, комбинација која би требала да овозможи поквалитетни фотографии, особено во услови кога има помалку светлина. Предната камера пак има 8 мегапиксели – многу повеќе од главните конкуренти во сегментот. Сите овие компоненти ќе бидат напојувани од солидна батерија со капацитет од 3.000 mAh.

„Обичниот“ модел, односно Idol 4, пак има 5,2 инчен дисплеј со Full HD резолуција и Snapdragon 617 процесор, 3 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера тука има „само“ 13 мегапиксели, додека предната е иста како кај помоќниот модел. Батеријата има капацитет од 2.610 mAh, што би требало да е доволно за еден ден користење со оглед на изборот на процесорот.

gsmarena_004

И двата модели ќе бидат изработени од стакло и метал и ќе бидат „симетрични“, односно како и да биде свртен телефонот, кога ќе го ставите на увото ќе можете да зборувате на него – има два предни звучници и два микрофони. Двата звучници треба да го подобрат и аудио искуството, а тука секако треба да се спомнат и JBL слушалките, кои сигурно ќе ги задоволат и големите аудиофили.

Исто така и на двата модели има “Boom” копче отстрана, кое реагира различно зависно од апликацијата – на пример, го подобрува звукот при слушање музика, пушта дополнителни ефекти при гледање видео или пак пушта „нитро“ во тркачките игри. Секако, ова копче ќе биде отворено за дивелоперите да го вградат во своите апликации.

gsmarena_005

Иако Alcatel официјално ги нема потврдено цените на овие два одлични смартфони, според некои информации Idol 4S би требало да чини околу 400-450 евра и во пакувањето ќе вклучува VR уред направен по теркот на Google Cardboard, со кој ќе може да се гледа виртуелно видео или да се играат виртуелни игри на смартфонот! Idol 4 пак ќе чини 250 евра, што е ниска цена со оглед на спецификациите, но и целосната изработка и дизајнот на уредот.

Како и скоро секој Android уред претставен на саемот во Барселона и новите Alcatel-и ќе доаѓаат со инсталиран Android Marshmallow 6.0, но со дополнителен „скин“ од производителот.

Извор: Android Central, GSMArena, Pocket Lint

Претходна статијаApple ќе ја вклучи Siri во наредната верзија на OS X
Следна статијаSamsung претстави флеш чипови со 256 GB капацитет и SSD брзини наменет за смартфоните