samsung-256GB-memory-smartphones-2016-02-25-01

Еден од главните недостатоци кај поновите смартфони, а особено оние што немаат слот за micro SD картичка, е недостатокот на простор за складирање на податоците. Проблемот само се продлабочи со можностите за снимање на 4K видео, кое зема многу, многу простор. Samsung има решение за тоа – супер голем флеш чип со 256 GB капацитет.

Новиот флеш чип е изработен по Universal Flash Storage 2.0 стандардот и покрај тоа што има можност за поголем капацитет од досегашните вакви чипови, има и многу повисоки брзини на вчитување и впишување. Всушност, брзината на вчитување, онаа што е важна за побрзо лансирање на апликациите, изнесува 850 MB/s, што е побрзо од стандардните SSD-а кои се поврзуваат преку SATA интерфејс (не и новите PCI-e SSD дискови). Брзината на впишување пак е пониска – 250 MB/s, но и тоа е многу повеќе од доволно за впишување на 4K видео директно на чипот.

Според Samsung, новиот флеш чип ќе им овозможи на корисниците безгрижно да снимаат 4K видеа на своите смартфони – многумина досега не се ни осмелуваа да го направат тоа поради малиот капацитет на чиповите. Исто така, благодарение на високата брзина на вчитување на датотеките, префрлањето преку USB 3.0 поврзување на компјутерот ќе биде многу побрзо отколку што е случајот со актуелните смартфони.

Поголем простор за складирање податоци во смартфоните во наредниве неколку години ќе стане уште повеќе потребен – виртуелните видеа пак се поголеми од 4K видеата, а истото особено важи и за игрите.

Производството на новиот флеш чип на Samsung со капацитет од 256 GB е веќе започнато, па очекувајте набрзо да се појави и во паметните телефони и таблетите од високите класи, како на пример Samsung Galaxy S7, iPhone 6S или iPad Pro…

Извор: Engadget, PCWorld, Samsung

Претходна статијаIdol 4 и Idol 4S се официјално новите знаменосци на Alcatel
Следна статијаWi-Fi рутерите на Asus се небезбедни, се соочува со ревизија и казна