После месеци на најава, Netflix официјално ја пушти нивната нова претплата која има пониска цена и поради тоа доаѓа со реклами. Како што неофицијално се најавуваше, пониската претплата чини 6,99 долари, што е помалку од основниот Basic пакет.
Треба да се нагласи дека оваа нова претплата е пониска за корисниците во САД и уште неколку земји, а во нашата земја претплатите се веќе пониски и прилагодени на пазарот.
Basic with Ads, како што е наречена новата претплата, ќе биде достапна во САД, Канада, Австралија, Бразил, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Кореа, Мексико, Шпанија и во Велика Британија.
Како што се најавуваше, корисниците на Basic with Ads нема да имаат пристап до целата содржина на Netflix, а од компанијата истакнуваат дека тоа е поради ограничувања при лиценцирањето на содржината.
Исто така, максималниот квалитет во кој ќе може да се гледа содржината е 720p, што мора да се каже дека е не така мало ограничување, но сепак тоа го има и кај основниот пакет кој доаѓа без реклами.
Рекламите кои ќе се прикажуваат, а партнер за ова се Microsoft, ќе бидат максимално 4 до 5 реклами во еден час, па корисниците не би требало да бидат прекинувани до толку многу, односно како што тоа е случајот на класичната телевизија.
Од Netflix објавија и дека за почеток рекламите ќе бидат од 15 до 30 секунди и ќе бидат прикажувани пред и за време на филмовите и сериите.