За време на Microsoft Ignite конференцијата оваа недела, од компанијата најавија дека еден од нивните најпознати брендови, Microsoft Office, ќе биде заменет и со тек на време веќе нема да се користи.

На местото на Microsoft Office ќе почне да се користи брендот Microsoft 365, а дека од компанијата одат во овој правец можевме да видиме уште пред две години кога сервисот Office 365 беше преименуван во Microsoft 365.

Промената на брендот ќе може да се забележи кај Office.com страната, како и апликациите со овој бренд кој ги има Microsoft на Windows, Android и iOS. Овие промени е планирано да се случат идниот месец за Office.com, а апликациите ќе бидат ребрендирани во јануари идната година.

Покрај промената на името, Microsoft 365 има и свое ново лого, а со тек на време може да се очекуваат и нови функции кои ќе бидат додадени кај апликацијата, но и кај посебни апликации кои се дел од пакетот.

Office апликацијата, односно Microsoft 365 по ново, моментално се користи како една централна апликација каде корисниците можат да ги видат нивните документи, документите на кои работат со други корисници, а може и да се инсталираат десктоп апликациите доколку претплатата тоа го овозможува.

На мобилните Office/Microsoft 365 овозможува отворање и измена на Word, Excel и PowerPoint документите преку една апликација, наместо корисникот да мора да ги инсталира сите посебно.  

Единствено место каде што ќе остане брендот Office е кај пакетот кој од компанијата уште го продаваат без месечна претплата, односно на „стариот начин“ со еднократно плаќање за користење на апликациите.

Инаку, една од причините за менување на брендот е доста поголемиот број на апликации кои се сега дел од пакетот, па така покрај Word, Excel, PowerPoint и Outlook, дел од Microsoft 365 се и Loop, Clipchamp, Stream, Teams, како и нова апликација која треба да стане достапна, Microsoft Designer. Бизнис корисниците на Microsoft 365 имаат и додатни апликации.

Претходна статијаTruth Social на Доналд Трамп стана достапна во Play Store на Android
Следна статијаNetflix ја пушти својата нова претплата со реклами наречена Basic with Ads
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.