Microsoft има цела плејада на апликации и сервиси кои им помагаат на компаниите, но многу од нив се поклопуваат во можностите, па клиентите најчесто и не знаат кој сервис да го изберат. Ова особено важи за новиот сервис Microsoft Teams, кој е сериозен конкурент на Slack и кој се поклопува со можностите на Skype for Business апликацијата. Поради ова, Microsoft одлучи Teams да биде сервисот за иднината, кој целосно ќе го замени Skype for Business.

Ваквиот потег и не е неочекуван, бидејќи Microsoft Teams нуди многу повеќе можности за компаниите и затоа веќе го користат преку 125.000 компании и организации. Од друга страна, Skype for Business е алатка која нуди главно комуникација и конференциски разговори и истата не може целосно да ги задоволи се поголемите побарувања на компаниите за колаборација меѓу нивните работници.

Поточно, за сите компании кои се претплатени на Office 365 пакетите на Microsoft, Teams ќе биде алатката која ќе се нуди за полесна колаборација и комуникација меѓу работниците, за разлика од претходно, кога Skype for Business беше вградената алатка во пакетот. И покрај ваквата одлука на компанијата, тие сепак ќе продолжат да го развиваат Skype for Business за серверските изведби во 2018 година, бидејќи компаниите се познати по тоа што не сакаат големи промени, а тоа особено важи за вработените.

Сепак, на подолг рок, Microsoft Teams е сервисот кој компанијата ќе почне ексклузивно да го нуди на новите компании и полека и да го вградува во понудите кај актуелните клиенти.

Извор: TechCrunch, Reuters, The Verge

Претходна статијаКонзолата на Atari ќе чини од 250 до 300 долари, а ќе има AMD чип и Linux оперативен систем
Следна статијаСо новата LTE напредна технологија, Неотел овозможува поквалитетен и побрз интернет

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.