Додека го чекаме доаѓањето на Windows 10 кај паметните телефони, Microsoft ја подобри актуелната верзија на Windows Phone 8.1, со втора надградба, која донесува неколку затегнувања, кои треба да го подобрат корисничкото искуство, но и да го најават новиот оперативен систем.
Моментално, Windows Phone 8.1 Update 2 се нуди само со новите Lumia 640 и 640 XL телефони, но наскоро се очекува да го добијат и Lumia 730/735 и Lumia 830. Најава за надградба на другите класи на Lumia телефоните на Microsoft се уште нема, па можно е повеќето од нив да добијат директна надградба на Windows 10.
Првата промена на почетниот екран е стрелката во долниот дел, под живите плочки, која досега беше без објаснување, а сега лево до нејзе пишува “All Apps”, како некој што има прво искуство со Windows Phone да знае за тоа каде се сите апликации.
Втората, веројатно најзначајна промена е во Settings менито, кое досега беше најголема слабост на Windows Phone како оперативен систем. Сега, секциите се поделени со наслови и не се расфрлани како претходно, што ги прави многу полесни за навигација. Вградено е и копче за пребарување, за брзо наоѓање на секцијата која ве интересира. Ваквото решение е мост до целосно средените Settings кај Windows 10, каде првото нешто што се гледа се категориите. Исто така, сега секое подесување ќе може да се стави и на почетниот екран.
Во Update 2, за прв пат во Windows Phone, корисникот ќе може да го смени името на својот уред директно од телефонот, што е добра вест за оние што сакаат да го персонализираат телефонот. Исто така, сега може да се ограничи што ќе користат апликациите, како на пример камерата, микрофонот или контактите, со цел поголема заштита на податоците.
Се на се, ситни промени, но за оние кои веќе користат Windows Phone и тоа како добредојдени, особено оние во делот Settings. За поголеми промени, секако треба да се почека до лансирањето на Windows 10.
Извор: Windows Central