Се ближи 29 Јули, датумот кога најновата верзија на Windows ќе биде конечно достапна во целосната верзија наменета за крајниот потрошувач. Сепак, различни верзии на Windows 7 и Windows 8.1 ќе добијат различни надградби, па би било добро да се информирате пред да го направите тој чекор. Ова особено важи за оние со нелиценцирана, но активирана верзија на Windows 7 и 8.1.
За оние со Windows 7
Да, и оние кои имаат Windows 7 на својот компјутер, ќе можат да направат директна надградба на Windows 10. Надградбата е бесплатна за оние со лиценциран оперативен систем, додека другите би било добро да почекаат додека не дознаеме официјално како Microsoft ќе ги третира тие верзии. Но, еве неколку информации за сите што сакаат да го имаат најновиот Windows:
– За надградбата мора да имате инсталирано Service Pack 1. Ова можете да го проверите со десен клик на My Computer и изберете Properties
– Оние кои имаат Windows 7 Starter, Windows 7 Home Basic или Windows 7 Home Premium, ќе добијат надградба на Windows 10 Home
– Оние кои имаат Windows 7 Professional или Windows 7 Ultimate, ќе добијат надградба на Windows 10 Pro
За оние со Windows 8 и 8.1
Како и кај 7-ката, секој лиценциран Windows 8.1 ќе може да се надгради на Windows 10. Надградбата ќе биде исто така бесплатна и за оние кои имаат нелиценциран оперативен систем, но би било добро да почекаат на официјален одговор од Microsoft. Еве информации за оние кои сакаат да направат надградба од Windows 8.1:
– За надградбата мора да имате инсталирано Windows 8.1 Update. Оние кои се уште се на Windows 8, можат да проверат во Update центар. И таа надградба е бесплатна.
– Оние кои имаат Windows 8.1 ќе добијат надградба на Windows 10 Home
– Оние кои имаат Windows 8.1 Pro или Windows 8.1 Pro for Students ќе добијат надградба на Windows 10 Pro
– Оние кои имаат Windows 8.1 Enterprise, нема да добијат надградба на Windows 10, но тоа се обично компании, кои веќе имаат договори за долгорочна лиценца со Microsoft.
Покрај претходно споменатите информации, важно е да се напомене дека корисниците на Windows XP нема да можат да го надградат системот на Windows 10. Исто така, надградбата е бесплатна во првата година од лансирањето на Windows 10, што значи до 29 Јули 2016 година. После тоа, цената на оперативниот систем ќе биде 119 долари за Home верзијата, односно 199 долари за Pro верзијата.
Дополнителни информации за оние со нелиценциран Windows 7 и Windows 8.1
За оние кои имаат Windows 7 или 8.1 без лиценца, препорачувам да почекаат да видат дали Microsoft ќе понуди надградба за мала доплата, како што вети, бидејќи и ако се обидете сега, ќе ја загубите активацијата на постоечкиот оперативен систем.
Секако, како и со секој нов Windows и за овој ќе има активатори, но сега е веројатно најдобрата шанса да го лиценцирате вашиот систем.
Исто така, барем од она што го знаеме досега, оние што го имаат активирано оперативниот систем преку Microsoft Toolkit (изгуглајте, лесно се наоѓа како да го направите тоа) ќе имаат бесплатна надградба и покрај тоа што во основа имаат Windows без лиценца. Сепак, лично не би се обложил на ова како долгорочно решение.