15-112

Доста време е поминато од последниот лет на познатиот комерцијален суперсоничен авион Конкорд, а сепак уште не гледаме некој нов кој што ќе го замени. Надежите за летови кои што ќе бидат со брзини поголеми од сегашните по неколку пати остануваат, нешто што ќе ги направи патувањата и по неколку пати пократки.

Главните причини поради кои што ретко гледаме суперсонични авиони, освен воените, е во неколку фактори. Овие авиони трошат повеќе гориво, предизвикуваат поголемо загадување и поради поголемата количина на гориво, но и поради поголемата близина до озонската обвивка. Сето ова прави овие авиони да имаат поголеми трошоци за летање, а не треба да се заборави и силниот звук кој што се испушта по поминување на таканаречена звучна бариера.

Од NASA нема да не израдуваат со авион кој што е веќе во тест фаза, но затоа ќе се потрудат тоа да го направат да биде случајот до 2025 година за бизнис авионите, а 2030 за комерцијалните. Тоа е барем нивното предвидување за тоа кога може да се очекува повторно враќање на суперсоничните авиони.

За таа цел тие ќе инвестираат повеќе од 2 милиони долари во нивниот Commercial Supersonic Technology Project (Проект за комерцијална суперсонична технологија). Во рамките на проектот се избрани 8 студии кои што ќе ги добијат средствата и ќе имаат задача да истражат што треба да се направи за надминување на проблемите во суперсоничниот лет.

Со други зборови тие имаат за задача да развијат поеколошки и потивок суперсоничен лет. Од NASA истакнуваат дека веќе имаат доста добар напредок во намалувањето на соничниот бум кој што се јавува при тие големи брзини.

Можеби ова изгледа прилично далеку за нас, меѓутоа наредните генерации ќе се чудат на денешните летови, слично како што тоа е случајот со брзината на интернетот денес и пред 20 години.

Извор: NASA, Quartz

Претходна статијаСо паметен генетски трик истражувачи успеале да ја откријат целата вирусна историја на испитаниците
Следна статијаWindows 10 надградба – која верзија ќе ја добиете и за кого е бесплатна?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.