Една од работите кои што привлекува внимание кај новата верзија од Windows, покрај самите функции на оперативниот систем, е тоа што за првпат голем број на корисници ќе можат да го инсталираат бесплатно. Се што треба е веќе да користите лиценциран Windows 7 SP1 или понов, па почнувајќи од 29-ти Јули ќе можете бесплатно да го надградите вашиот систем на Windows 10.
Иако имаше најави неколку пати дека и корисниците на пиратска верзија од Windows ќе можат да ја добијат 10-ката бесплатно, сепак нивната верзија ќе остане неофицијална, а работата на системот ќе биде попречувана од известувањата за купување на официјална лиценца.
За време на викендот можевме да прочитаме од официјалниот блог на Gabe Aul дека сите корисници кои што моментално го тестираат Windows 10, ќе ја добијат финалната верзија од системот кога ќе стане достапна и истата ќе биде официјално активирана и достапна за користење.
Ова со други зборови значеше дека Windows 10 може да го добие бесплатно кој сака, без разлика дали моментално користи лиценцирана верзија од претходните верзии од оперативниот систем. Се што требаат корисниците да направат е да ја инсталираат најновата верзија достапна за Windows Insider корисниците, да се најават со својата Microsoft сметка и имаат бесплатен оперативен систем.
Меѓутоа веќе денеска можеме да видиме дека некои од зборовите во текстот на блогот се сменети, па изгледа дека од компанијата се имаат премислено. Зборовите кои што кажуваат дека по надградбата верзијата од Windows 10 ќе биде активирана и ќе остане така се тргнати, а додадена е и реченица која што повторно нагласува дека бесплатната надградба важи за лиценцираните корисници на Windows 7 или Windows 8.1 оперативен систем.
На блогот се’ уште стои дека корисниците на Technical Preview ќе ја добијат финалната верзија од Windows 10 кога истата ќе биде достапна, меѓу со тргањето на одредени зборови веќе не е јасно што точно ќе биде финалната одлука.
Зошто се случи цела оваа забуна не е јасно, па се надеваме дека ќе дознаеме нешто повеќе од утре. Корисниците се надеваат на бесплатна надградба, а на Microsoft му се потребни што повеќе корисници за да повторно биде релевантен на пазарот на оперативни системи кој што се повеќе е пренасочен кон тие за мобилните уреди.
За сите промени во ставот околу можноста за надградба на Windows 10, како и сите новости околу оперативниот систем, ќе можете да прочитате на Смартпортал.
Ажурирано 1: Gabe Aul преку неговиот Twitter профил повторно потврди дека корисниците на тест верзиите од Windows 10 ќе добијат бесплатна официјална надградба на оперативниот систем. Останува да видиме која ќе биде официјалната потврда од компанијата овие денови, за да бидеме сигурни што точно ќе им следува и на кои корисници.
@LuisC_13 They can upgrade from a Win 7/8.1 system or from a system they clean installed with preview ISO as long as using registered MSA
— Gabriel Aul (@GabeAul) June 19, 2015
Извор: Microsoft