Тешко е да не се смееш кога ја гледаш „Силициумска долина“, ТВ серија која започна како сатира, или критика кон Силициумската долина, но прерасна во моментално најдобрата ТВ комедија. Серијата изобилува со богати ликови, и добра приказна, но константно се обидува да не потсети дека не е се розево во Силициумската долина. Често ликовите се пренагласени верзии на генерички лица од Силициумската долина, на пр. милијардери кои не ги интересира ништо повеќе од тоа да го задржат својот статус на милијардери.

Серијата произведува комедија каква што ретко гледаме во денешната ТВ сфера (само изгледајте ја оваа сцена, која драматичната нишка ја претвора во една огромна – математичка – шега за мастурбирање). Во своите сериозни моменти, Силициумска долина е критика кон немилосрдноста на конкуренцијата која владее во технолошкиот сектор, и доминантноста на големите компании кои ги користат сите средства да ги запрат своите помали конкуренти. Во една сцена од последните епизоди од 2 сезона, Ричард Хендрикс, CEO на Pied Piper, старт-ап чиј развиток го следиме низ случувањата во серијата, речиси доживува нервен слом (како и многупати во текот на двете сезони), во судскиот спор против неговата компанија поради наводна злоупотреба на интелектуална сопственост.

Тужбата е покрената од Hooli, компанија еквивалент на денешен Гугл, само повеќе зла (или помалку, зависи како гледате на денешен Гугл), чиј сопственик во една епизода вели дека не сака да живее во свет „кој некој друг го направил подобро место за живеење“.  Ричард се обидува да ја зачува девственоста на својата компанија, нејзината чистота, но поради една мала грешка, Pied Piper е доведена пред уништување, иако се уште не успеала да излезе од својата фаза на инкубација.

Во моментот кога тој се соочува со пропастот на Pied Piper, Ричард напоменува дека ако системот вели дека е фер тој да ја изгуби неговата компанија поради една мала грешка, еден мал код, тогаш можеби „не ми е судено да бидам дел од тој систем“. Сепак, и покрај немилосрдноста на системот, за неуспехот на неговата компанија е виновен и самиот Ричард, кој е way over his head во поголемиот дел од серијата, и носи низа одлуки кои и носат штета на компанијата. Токму поради тоа, вреди да се осврнеме на неколку работи кои „Силиконската долина“ не учи за (не)успехот во претприемништвото, и што е потребно за да се успее.

Неопходно е да имате јасна визија

Без разлика што сакате да постигнете, потребно е да имате визија за тоа во кој правец сакате да се движите, и каде тој пат сакате да ве одведе. Ричард има визија за тоа каде сака да оди со неговата компанија, а таа визија не е нечија копија, туку е инстинктивен порив кој го тера да успее, да направи нешто различно од останатите компании. Имајќи јасна визија, корисниците ќе ја почувствуваат автентичноста на тоа што го нудите.

Денешните корисници сакаат инстантен пристап до сите нивни датотеки од сите нивни уреди. Поради ова “cloud-based” е светиот грал. Во овој момент, Dropbox е победникот. Но, кога станува збор за аудио и видео датотеки, тие би можеле да се наречат “Dripbox“. Користејќи ја нашата платформа, корисниците на Pied Piper ќе бидат во можност да ги компресираат сите нивни датотеки до точката каде што навистина ќе можат веднаш да пристапат кон нив. Ние ги контролираме цевките, тие само ги користат. Тоа е визијата во главата на Ричард Хендрикс – Erlich Bachmann, Senior Minority Owner, Pied Piper

Thomas Middleditch and T.J. Miller in Silicon Valley

Не е се во производот, битно е и кој е in charge

Pied Piper е апликација за аудио компресија, која прави бум поради тоа што алгоритмот од кој е составена е помоќен, и подобар од кој било друг алгоритам на која било друга компанија. И покрај тоа, Ричард Хендрикс мака мачи да го уновчи овој квалитет, и да изгради солидна база врз која ќе расте неговата компанија. Тој е мотивиран, интелигентен (самиот тој го има изградено алгоритмот), но некои луѓе едноставно не можат да бидат лидери на една компанија (барем тоа е засега случајот со нашиот Ричард). Една од неговите лоши, и непоимливо глупави одлуки е таа кога го послуша советот на неговиот партнер да се однесува како клошар пред потенцијалните инвеститори. Без разлика што производот ви е генијален, доколку менаџментот не е на ниво на задачата, потенцијалот ќе остане неискористен, а компанијата осудена на пропаст.

Секогаш побарај помош – кога ти е потребна

Еден од ретките потези кои се покажаа како добри, а кои Ричард ги презема, е што најми експерт за бизнис планирање (Џаред) кој му помогне во подигањето на компанијата. Добра организациона хигиена е must во почетоците, а и во натамошниот процес на развивање на една компанија, а темелите се поставуваат на почетокот, а не крајот.

Не ги вработувај своите пријатели – само затоа што ти се пријатели

Се разбира, свитата на Ричард е смешна, тоа е и целта на нивното постоење, но и самите ликови понекогаш признаваат дека не се толку добри во тоа што го работат. Во првата сезона, Ричард мораше да го отпушти својот најдобар пријател, кога беше приморан да се соочи (со помош од Џаред) со фактот дека едноставно не го бива за кодирање. Интегритетот на компанијата го чуваат нејзините вработени, оттаму секогаш треба да се вработуваат најдобрите, а не најблиските (иако спојката на овие две работи би била совршена).

Ричард Хендрикс се обидува да изгради империја, да остави нешто позади себе, нешто по што ќе го паметат. Можеби засега тоа и баш не му оди од рака, но дефинитивно сакам да дознаам кога, и дали ќе го стори тоа. Силициумска долина е паметна, смешна, и искрена серија која знае што сака од себеси, и од своите гледачи. Најважно од се, станува се подобра и подобра со текот на времето, токму како што треба да прави и еден нов старт-ап.

Претходна статијаMicrosoft објави, па се премисли за давање на Windows 10 бесплатно за тие што го тестираат
Следна статијаGreen Bank – Градот кој има забрана за електромагнетно зрачење