Од Ubuntu 11.04, менијата кои што обично беа поставувани на прозорецот од апликацијата која што ја користите, почнаа да се поставуваат на едно централно место за сите апликации, односно на горниот панел од оперативниот систем. Истите се сокриени се до моментот додека не поминете со маусот на панелот, со што се појавува менито, односно листата со прилагодувања за активната апликација. Оваа промена корисниците ја дочекаа со поделени мислења, за некои беше добар потег, за други еден вид на копија на OS X од Apple, односно може да се каже дека промената беше дочекана како и секоја промена, со критики.
Во Ubuntu 14.04 верзијата која што ќе излезе стандардно во Април месец од годината ќе биде вратена можноста менијата да бидат прикажани на самиот прозорец од апликацијата, односно тие да бидат локално интегрирани, наместо глобално на горниот панел. Менијата ќе бидат цело време видливи и ќе бидат поставени на делот од прозорецот каде што е насловот на апликацијата со што ќе се заштеди на вертикален простор и ќе се задржи стилот на прозорците во Unity околината. Оваа можност ќе биде преставена како опција, односно на лесен начин во Appearance корисниците ќе може да ја вклучат или исклучат и да го користат Unity стилот на горниот панел.
Новата можност ќе биде посебно корисна за корисниците со големи екрани и висока резолуција, каде што доаѓањето до горниот панел бара непотребно долго движење на маусот. За корисниците на тест верзијата од новата верзија на Ubuntu оваа можност треба да биде овозможена во наредните денови.
Извор: OMG Ubuntu