Развојот на Android започнува две години пред системот да биде купен од страна на Google во 2005 година, одлука која се смета за една од најдобрите на компанијата. Замислен како оперативен систем за дигиталните камери, се префрла во правец на развој за телефоните уште пред претставувањето на iPhone кој целосно го промени дотогашниот пазар на мобилни телефони.
Првиот смартфон со Android е претставен во септември 2008 година, една година по претставувањето на iPhone, па тоа што започна како реакција на телефонот од Apple, денеска го претставува главниот систем во светот.
Бил Гејтс дури истакна дека една од најголемите грешки кои ги има направено е неуспехот да се влезе како што треба на пазарот на смартфони, иако од компанијата имаа свој систем и уред уште пред Android и iOS.
Еден од основачите на Android, Рич Мајнер, истакнува дека Гејтс не е ни свесен колку е тој одговорен за неуспехот на Microsoft на овој пазар. Главната поента во неговата објава на X е дека причината за развојот на Android била стравот дека Microsoft ќе ја има контролата врз телефоните како што ја има врз компјутерите.
Microsoft се познати по не толку ретки „дискутабилни“ практики на пазарот со цел задржување на својата позиција, а добиваат и големи критики за недоволната иновација и развојот на производите.
Google од друга страна, со сите свои маани и критики кои ги добиваат, сепак го остави отворен Android системот, нешто што овозможи повеќе други производители да влезат на овој пазар со свои верзии и прилагодувања.
Дефинитивно можеме да се запрашаме каков ќе беше пазарот доколку Microsoft беше на местото на Google, а од компанијата не успеаја да се пробијат како трета алтернатива.
Според Мајнер, на пазарот има место само за една алтернатива на iPhone, па затоа и никој друг не успеа да се пробие со трет оперативен систем за телефоните.