Наредната верзија од Windows оперативниот систем треба да биде официјално достапна за корисниците од идната пролет и за истата се очекува да биде наречена Windows 9, Windows Threshold или според најновите информации едноставно Windows. До тогаш сепак е најавена тест верзија која што треба да биде достапна за програмерите, а најверојатно и за обичните корисници. Оваа тест верзија се очекува да биде претставена на крајот од месецот или почетокот на Октомври. Досега видовме доста неофицијални информации, некои од нив најавени и од Microsoft, многу неофицијални слики, па денеска достапни се 20 нови слики кои што покажуваат доста за правецот во кој што ќе се движи овој оперативен систем, се разбира доколку се вистински.
Сликите доаѓаат од германските портали ComputerBase и WinFuture и се досега најдеталните слики прикажани на интернет. Од овие слики можат да се видат одредени работи кои што се најавени и од Microsoft, меѓутоа и доста добиени од неофицијални извори. Па така, на сликите се гледаат:
- Новото Start мени кое што покрај стандардните функции ќе ги вклучува и плочките од модерната околина
- Можноста за работа на модерните апликации во десктоп околината во посебен прозорец
- Контекст мени на модерните апликации на кои што се вклучени можностите од Charms лентата која што треба да биде тргната
- Ново Search копче до Start копчето
- Ново копче за менување на најавените виртуелни десктоп околини кои што исто така се прикажани како се менуваат со прикажување на мали слики од нив на долниот дел од екранот
- Нови икони за одредени програми како File Explorer и други
- Промени во корисничкиот интерфејс кои што вклучуваат дополнително негово израмнување во правец на „модерниот“ дизајн кој што го користи компанијата, а во последно време и сите други
- Центар за нотификации кои што исто така се очекува да биде достапен во основа форма во тест верзијата од Windows
Во продолжение можете да ги погледнете достапните слики и самите да ги видите новините кои што би требало да се дел од новата верзија од овој оперативен систем.