Lumia-950-display-quarter

Мобилниот оперативен систем на Microsoft, Windows Phone, е популарен по тоа дека добива редовни надградби на поновите верзии, дури и за неколку години старите уреди од најниските класи. Ист ќе биде случајот и со смартфоните на Microsoft со Windows 10 Mobile.

Имено, Microsoft објави дека сите телефони со Windows 10 Mobile ќе имаат минимум 24 месеци поддршка со сигурносни надградби, како и нови верзии на оперативниот систем, со позначителни промени и подобрувања. Сепак, поголемите надградби на оперативниот систем ќе престанат на 9-ти јануари 2018 година и после тоа телефоните со Windows 10 Mobile ќе добиваат само сигурносни надградби.

Доколку се водиме по досегашното искуство со Lumia серијата, уредите на Microsoft би требало да продолжат да добиваат надградби и после тие 24 месеци од лансирањето, но тоа веројатно нема да важи за останатите производители на Windows 10 Mobile уреди, бидејќи за нивните надградби е задолжен самиот производител на смартфонот, односно операторот.

На пример, многу актуелни Windows Phone 8.1 телефони кои не се произведени од Microsoft, нема да добијат надградба на Windows 10 Mobile и тоа многу популарни уреди, како HTC 8X и Samsung Ativ S, додека постари и евтини телефони како Lumia 520 на Microsoft ќе можат да се надградат.

Засега на пазарот се достапни само три уреди со Windows 10 Mobile – Lumia 950, Lumia 950 XL и Lumia 550. Неколку малосериски производители исто така најавија свои телефони, но се уште чекаме на влез на поголемите производители како Samsung и HTC.

Lumia телефоните со Windows Phone 8.1 пак треба наскоро да добијат надградба на Windows 10 Mobile и веројатно ќе продолжат да добиваат надградби како и поновите модели. Засега, сите корисници на Lumia можат да испробаат „рана“ верзија на Windows 10 Mobile преку Insider програмата.

Извор: Windows Central, TechRadar, WinBeta

Претходна статијаSpeedtest.net конечно го прифаќа HTML5 стандардот
Следна статијаДо каде е изградбата на новото седиште на Apple – Декември 2015