Еден од посериозните малициозни програми (вируси) последниве неколку години е секако WannaCry, кој користи познат пропуст во Windows оперативните системи за да земе целосна контрола врз компјутерот на корисникот, го енкриптира и потоа бара пари за „откуп на податоците“. Со овој вирус се заразени најразлични Windows компјутери, од XP па се до 10-ката и затоа Microsoft пушти надградби за сите верзии со цел целосно да го искорени овој пропуст.

Најинтересно од се е што Microsoft се одлучи да го надгради и Windows XP (покрај Vista, 7, 8, 8.1 и 10), оперативен систем кој престана да го поддржува уште во 2014 година, вклучувајќи ги и сигурносните надградби, иако тој се покажа како главно имун на WannaCry заканата. Оваа нова надградба е достапна за сите корисници на оперативниот систем и ако има некој од вас кој сѐ уште има компјутер со овој антички оперативен систем, еве препорака да проверите за надградба и веднаш да го надградите.

Од Microsoft сепак велат дека оваа сигурносна надградба не значи дека корисниците на Windows XP ќе продолжат да добиваат надградби во иднина – ова е само исклучок насочен директно кон борбата против WannaCry вирусот. Многумина секако ќе помислат дека оние кои имаат Windows XP веќе требало одамна да надградат на понов оперативен систем и да не се „бунат“ во случај на заразување со вирус, но во голем број од тие случаи се работи за компјутери од образовниот сектор и дури и компјутери од најразлични компании и корпорации, па затоа и Microsoft се одлучува на ваква надградба.

„За жал“ корисниците на оперативни системи пред Windows XP нема да добијат надградби. Штета, само што сакав да ја разбудам носталгијата и да ја извадам од подрум Pentium 2-ката со Windows 98 и инсталирани StarCraft и Quake 2.

Извор: Daily Star, Forbes

Претходна статијаApple сака да го направи iPhone вашиот „здравствен асистент“
Следна статијаМенаџер од Microsoft: iPad Pro е доказ дека Apple не копира