Во продавницата за апликации на Windows 11, односно во Microsoft Store, стана достапен за симнување Microsoft Edge прелистувачот. Ова од аспект на промените кои ги добива Microsoft Store не е воопшто чудно, дури е очекувано, но сепак достапноста не е до крај јасна поради неколку причини.

Microsoft Edge Browser може да се најде во продавницата со едноставно пребарување и доколку се притисне копчето за инсталација, истото без проблеми ќе почне да се случува, иако прелистувачот веќе е инсталиран на оперативниот систем.

Зошто Edge е достапен во продавницата не е јасно поради тоа што прелистувачот доаѓа со Windows 10 и со Windows 11, па корисниците и да сакаат не можат да го избришат, па која би била целта да тој може да се симне преку Microsoft Store.

Исто така чудно е што апликацијата стои дека е објавена од страна на Microsoft Corporation II, па не е јасно дали Microsoft ова го има направено за тест цели или се работи за пропуст во процесот на верификација на објавените апликации.

Како и да е, ова дефинитивно може да се смета како пример во кој правец ќе се движи Microsoft Store со Windows 11. Наместо програмерите да мораат да прават посебни апликации специјално за Microsoft Store или нивните постоечки апликации да ги „пакуваат“ посебно, сега апликациите ќе може да бидат достапни без никаква промена.

Покрај тоа, апликациите ќе се инсталираат исто како да се симнати преку нивната страна и нивното ажурирање ќе се прави преку нивните системи, а Microsoft нема да бара ни процент од заработката за тие кои ќе користат сопствен систем.

Тоа значи дека Microsoft Store ќе стане едно централно место за наоѓање на апликации, наместо тоа да се прави преку веб страните.

Windows 11 ќе стане официјално достапен најверојатно од октомври, а во периодот после тоа ќе видиме дали Microsoft Store ќе стане поголем фактор во оперативниот систем.

ИЗВОРXDA Developers
ИЗВОР 2Windows Central
Претходна статија5G ќе ја зголеми потрошувачката на мобилни податоци за четири пати до 2026 година
Следна статијаGoogle Chrome 92 донесува до 50 пати побрзо откривање на „phishing“ страните
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.