Двете актуелни платформи од Microsoft, Windows 8 и Windows Phone 8 се соочуваат со проблем, односно не успеваат да предизвикаат доволно голема популарност и интерес кај корисници и програмерите, а со тоа и доволно голема продажба на уреди. Исто така сите бројки покажуваат намалување на продажбата на PC уреди, односно намалување на процентот од вкупниот број на продадени уреди. Тоа се разбира се должи на се поголемиот број на корисници кои што купуваат таблет компјутери, а не решаваат покрај тој уред да поседуваат и десктоп или лаптоп компјутер или барем на со Windows оперативен систем. Бизнис корисниците сепак ќе останат верни корисници на десктоп компјутерите, но сепак се гледа тенденција на поголемо користење на Linux платформата кај оваа категорија на корисници, како и OS X на Mac компјутерите од Apple.
Исто така Microsoft не успеа да придобие поголем интерес и соработка од страна на програмерите што резултира со мал број на апликации во споредба со Android и iOS, но и помал квалитет на тие што се достапни. Исто така одредениот број на познати апликации кои што се достапни во Windows Phone Store не добиваат толку чести надградби како на другите платформи, а новопретставените апликации на другите платформи или не добиваат своја Windows Phone верзија или истата е претставена од неколку недели, па до неколку месеци подоцна.
Извори запознаени со плановите на Microsoft кои што имаат споделено дел од нив со The Verge, тврдат дека во компанијата се размислува за овозможување на Android апликации да бидат инсталирани и користени на двете платформи, односно Windows и Windows Phone. Апликациите би требало да бидат инсталирани преку продавниците за апликации од Microsoft. Ова е нешто на кое што се размислува поради можноста истото да ја зголеми популарноста на уредите од Microsoft на кои што моментално најголемиот проблем е недостатокот на голем број на апликации. Кога корисниците би биле во можност да ги користат своите омилени апликации, можеби голем дел од нив би биле спремни да ги пробаат оперативните системи од Microsoft. Исто така голем недостаток кој што би се покрил со оваа одлука е достапноста на многу користените и популарни Google апликации, како Gmail, Google Maps, Hangouts. Google освен Search апликацијата, одбива да развива за Windows платформите, а и оваа апликација не може да се спореди со новите функции на истата на другите платформи.
Вакво нешто е веќе видено од страна на Blackberry кои што овозможија инсталирање на Android апликации на нивниот најнов BB10 оперативен систем, меѓутоа не помогна многу во задржување на популарноста. Сепак според одредени луѓе Microsoft се наоѓа во друга позиција и би можел да извади различен ефект од истото.
Дали оваа информација е точна, а и дали новиот директор размислува во овој правец не е познато. Исто така, дури и да се размислува за вакво нешто не значи дека истото ќе биде спроведено. Windows оперативните системи иако бавно сепак бележат раст на корисниците, па со новите верзии истото е можно да се зголеми.
Воведувањето на ваква можност според некои би помогнала за зголемување на популарноста на Windows платформите, додека според други би значело крај на истите. Според нас оваа одлука не би донела многу добро за платформите, посебно што користењето на апликации наменети за друг кориснички интерфејс ќе ја намали уникатноста и стилот на Windows. Исто така не гледаме зошто програмерите кои што моментално не се спремни да развиваат за Windows, би го направиле истото во иднина, ако нивните веќе постоечки апликации може да бидат користени и на таа платформа.
Што мислите вие за оваа можност од страна на Microsoft, би сакале да прочитаме нешто повеќе во коментарите ?