Додека корисниците се надеваа на воведување на „табови“ (јазичиња, ленти) во File Explorer апликацијата, Microsoft во 2017 најави нешто уште подобро. Тие ја најавија функцијата Sets која беше замислена да на сите апликации им воведе можност за табови, без разлика дали тие имаат поддршка за истото или не.

Во основа, Sets функцијата беше замислена како посебен „прозор“ во којшто ќе се отвораат различни апликации, а доколку корисниците отворат повеќе прозори од истата, добиваат можност за работа со таа апликација исто како да има таа табови.

Ова ќе овозможеше корисниците да ги групираат отворените апликации според тоа што го работат, па на пример, јас ќе можев во еден прозор да ги отворам мојот прелистувач Firefox, Word за пишување на статии, како и Affinity Photo апликацијата која ја користам наместо Photoshop.

Иако на почетокот поддршката на Sets беше кај универзалните апликации, односно тие кои се инсталираат преку Store, сепак се почна и се најави проширување на поддршката и кај останатите апликации, како и овозможување на програмерите да ја додадат поддршката кај нивните апликации.

Сепак, по претставувањето на Sets, а корисниците имаа одлична реакција и очекувања, функцијата освен во неколку тест верзии од Windows 10, никогаш не беше донесена во официјална верзија, а ниту продолжи да е дел од тест верзиите.

Според извори на познатата за Windows темата, Мери Џо Фоли од ZDNet, Microsoft не планира да го продолжи развојот на Sets, а воведувањето на табови во некои од апликациите изгледа ќе се прави посебно. Дали се планира развој на нешто слично на Sets не е познато.

Како коментар од Microsoft за причината за откажување на функцијата се наведува тоа дека функцијата не била добро прифатена од корисниците кои ја имаат тестирано, а исто така тие и не ја разбрале добро, наводно.

Како втора причина за откажувањето на Sets се наведува и одлуката Edge прелистувачот да продолжи да се развива на основа на Chromium, а овој прелистувач беше основата на која се развиваше Sets функцијата.

ИЗВОРZDNet
ИЗВОР 2TechSpot
Претходна статијаGoogle Chrome 74 ја донесува темната тема на Windows, но сепак ќе мора прво да ја активирате
Следна статијаПортите на ИТ светот беа отворени за најмалите од прво и второ одделение
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.