Една од најбараните функционалности од фановите на Windows 10 (па и во постарите верзии) е овозможување на табови во “File Explorer”, нешто што на пример Linux корисниците го имаат уште одамна и што може значително да го олесни користењето на целиот оперативен систем. Microsoft сепак одолеа на вградување на ваква функционалност неколку години, иако побарувачката беше голема, но тоа ќе се промени наредните неколку месеци.

Имено, Microsoft веќе работи на таканаречени “Sets”, кои се всушност табови, исти како во интернет прелистувачите. Со помош на нив, корисниците ќе можат да ги организираат своите отворени документи, фолдери и сл. во скоро сите апликации на Microsoft, односно “Sets” ќе работат во Microsoft Office, што е особено корисно, како и во File Explorer. Дефинитивно, со ова помина ерата на десетици отворени прозорци во Windows за секој отворен фолдер.

Покрај очигледната функција за организирање, “Sets” ќе има и друга, многу важна функционалност. Имено, со организирањето во „сетови“, корисникот ќе може да групира различни работни задачи, како на пример документи за работа во еден „сет“ и потоа да продолжи да работи на сите тие сетови на друг уред, како на пример својот паметен телефон или воопшто, повторно да ги отвори откако ќе ги затвори на својот компјутер.

На пример, доколку имате отворено Microsoft Word со 5 документи поделени во табови, ќе може да ги зачувате и да ги отворите сите пет документи повторно одеднаш преку Timeline. Ова е извонредна можност која ја нема ниту еден друг оперативен систем и која значително ќе го олесни групирањето на работните задачи – вакво нешто веќе има Edge прелистувачот и можам да потврдам дека е исклучително корисно.

Засега Microsoft нема дадено јасна временска рамка за тоа кога “Sets” ќе бидат достапни во Windows 10, но очекувам тоа да се случи брзо, особено што работата е очигледно во понапредна фаза.

Извор: The Verge, ARS Technica, PCWorld

Претходна статијаСреќна Нова Брзина ви посакува Неотел за 2018 година
Следна статијаApple пушти посебен YouTube канал со туторијали за нивните производи