Новиот дизајнерски јазик кој ќе ја одбележи “Fall Creators Update” надградбата на Windows 10 досега го знаевме со кодно име Project Neon. Microsoft сега и официјално го претстави новиот изглед на Windows, кој покрај визуелното освежување, има за цел да го направи визуелното искуство исто, независно од тоа каков уред користи корисникот.

Самиот изглед е еволуција на “Metro” дизајнот претставен со Windows Phone и подоцна Windows 8, па не очекувајте драматични промени. Како што нагласи Microsoft, новиот “Fluent Design System” треба да донесе хармонично, интуитивно, инклузивно и респонзивно користење меѓу различните уреди.

Идејата е апликациите и воопшто изгледот на Windows 10 да бидат поблиски до оние на Android и iOS. Имено, според сѐ што видовме на Build конференцијата, Microsoft скоро сигурно нема да продолжи особено многу да вложува во Windows Mobile (барем на како стандарден смартфон) и многу е важно милионите корисници на останатите две платформи да се чувствуваат „како дома“ и на својот Windows 10 компјутер.

Нормално, сите правци и насоки од дизајнот ќе им бидат достапни на дивелоперите, со цел тие подобро да ги прилагодат своите апликации на него. Добар пример за ова се веќе претставените за Insider корисниците Groove, Calculator, Films&TV, кои го имаат новиот дизајн кој неодоливо наликува на начинот на кој дивелоперите ги прават апликациите за мобилните платформи, со само неколку визуелни промени.

Извор: Windows Central, The Next Web, The Verge

Претходна статијаPlay Store со нова икона за апликацијата и известувањата
Следна статијаТимот SWIFT доминира на NASA Space Apps Challenge во Македонија