За време од 28 до 30 април се одржа годинeшниот NASA Space Apps Challenge во Македонија. На настанот учествуваа млади програмери, инженери, дизајнери, истражувачи, иноватори и претприемачи кои заедно работеа на креирање решенија за проблемите со кои се соочува Земјата. Како секоја година учесниците за време на настанот добија поддршка и совет од страна на ментори кои се експерти во своите полиња на работа.

Особено интересно оваа година е тоа што група средношколци од тимот SWIFT се истакнаа себе си со своето оригинално решение и ги освоија симпатиите на судиите, менторите и останатите учесници на натпреварот. На самиот почеток сите се прашуваа како можат овие млади луѓе да конкурираат рамо со рамо покрај голем број на студенти и претприемачи, но посветеноста, визијата, амбицијата, уникатноста и координацијата на тимот SWIFT ги воодушеви сите.

Тие се фокусираа на предизвик поврзан со соларна енергија и презентираа решение за тоа како да се искористи максималниот потенцијал на соларната енергија во секое домаќинство. Тие создадоа сопствен уред – SDC (Smart Data Collector), што ги мери количеството светлина и температурата на дадено место на долг временски период и тие податоци ги испраќа на нивниот сопствен сервер. Потоа определен софтвер ги обработува тие податоци и прикажува колку даденото место е поволно за инсталација на соларен колектор, колку електрична енергија може да се добие во текот на годината, како и пресметки за колку време ќе ви се врати инвестицијата.

„Совршениот спој на нашите уникатни таленти во области како физика, веб дизајн, програмирање, хардвер инженерство, економија, маркетинг, истражувачки способности и особено тимскиот дух нѐ доведе до успех“ – изјави Борче Ангелов, член од тимот SWIFT.

Следна фаза на натпреварот бара тимовите да соберат што повеќе онлајн гласови чија вредност ќе се вклучи во финалната одлука на жири комисијата во која ќе бидат вклучени и два претставници од НАСА.  Победничкиот тим од Македонија директно патува во Кенеди спејс центарот на НАСА каде што ќе има можност да проследи полетување на вселенско летало, но и да го презентира своето решение пред претставници на НАСА и комерцијалната вселенска индустрија.

Можете да ги следите следните настани на наптреварот и притоа да го дадете својот глас на еден од тимовите-потенцијални победници од Македонија тука.

Претходна статијаMicrosoft го претстави “Fluent Design System”, досега познат како Project Neon
Следна статијаMicrosoft Story Remix е импресивна апликација за 3D содржини, ќе доаѓа вградена во Windows 10