Microsoft неодамна го пушти големиот “Anniversary Update” за Windows 10, кој беше лансиран една година по првата официјална верзија на оперативниот систем и кој е единствена поголема надградба за оваа година. Сепак, во 2017 година Microsoft спрема две поголеми надградби, кои треба да донесат нови функции и можности во оперативниот систем.
Ова секако не значи дека вашиот компјутер/таблет/телефон со Windows 10 ќе биде надграден само два пати – надградби кои ќе вклучуваат закрпи и безбедносни подобрувања ќе бидат пуштани редовно. Тука Microsoft мисли на поголемите надградби, кои ќе донесат промени во начинот на кој функционира оперативниот систем, како на пример дизајнот и функционалноста на одредени елементи, но и многу нови можности и подобрувања.
Од двете најавени надградби, наречени Redstone 2 и Redstone 3, првата треба да пристигне на почетокот од наредната година и ќе биде поголема (веројатно ќе биде придружена од нови Surface Book, Surface Pro и Surface Phone), додека втората ќе пристигне на крајот од летото, веројатно во истата временска рамка како актуелниот “Anniversary Update”. Интересно, токму Redstone 2 се очекува да биде поголемата надградба, која ќе донесе повеќе промени во оперативниот систем, додека Redstone 3 ќе биде повеќе насочена кон стабилизирање.
Оние кои се на Windows Insider програмата, првите примероци од Redstone 2 надградбата ќе можат да ги добијат многу наскоро – тие ќе бидат означени во дијапазонот на Build 14900 и ќе можат да се добијат многу наскоро. Сепак, напомена за оние кои сакаат да ги пробаат дека сите функционалности кои ќе бидат вклучени во Redstone 2 нема да бидат достапни уште сега и дека Insider верзиите на Windows 10 се помалку стабилни од официјалните, па не би ги препорачал на оние кои го користат својот компјутер за работа или имаат многу сензитивни информации.
Извор: Windows Central, The Verge, Tech Times