ion-trap-umd

Од тоа што досега го научивме за квантните компјутери е дека тие ќе бидат многу, многу побрзи од обичните кои ги користиме денес, но и дека се наменети само за одредени задачи. Во превод, и покрај нивната голема брзина нема да можете да играте “Crysis” на него, ниту пак да инсталирате некој од познатите оперативни системи. Поточно, досега тие беа скоро бескорисни…

Сега, нов тим од научници од Универзитетот во Мериленд, направи нов тип на квантен компјутер, кој може да се репрограмира. Како сите стандардни компјутери денес, нели. На овој начин, овие компјутери ќе станат многу покорисни, односно ќе може да се искористат во многу различни задачи, со многу различни типови на софтвери. Секако, ова не значи дека ваквите компјутери преку ноќ ќе станат комерцијално достапни – за тоа има уште многу работа, но развојот оди во права насока.

Како работи овој квантен компјутер? Без да се правам дека и јас целосно ги разбирам, ќе ви пренесам како научниците велат дека работи – квантниот компјутер може да има многу состојби истовремено, за разлика од бинарните компјутери кои можат да имаат „0“ или „1“ во даден временски период. Новите квантни компјутери за кои пишуваме денес, имаат јони кои можат да комуницираат меѓу себе со помош на ласери, нешто што научниците го нарекуваат „оптичко пумпање“. Ласерите всушност ја одредуваат состојбата на квантниот бит, поточно “qubit”.

Благодарение на ласерите, овие квантни компјутери можат да ги менуваат состојбите на qubit-ите и со тоа стануваат репрограмабилни, односно може да се репрограмираат за најразлични потреби. Научниците нагласуваат дека новиот дизајн овозможува и скалабилност на моќноста, што ги прави уште поупотребливи за сериозни компјутерски задачи, како анализа на податоци, процесирање на фотографии и прогноза за исходот на хаотични системи.

Извор: Fortune, Inquisitr, New Scientist

Претходна статијаАвтопилотот во Tesla Model X безбедно го однесе возачот во болница
Следна статијаMicrosoft најави две големи надградби за Windows 10 во 2017 година