Можноста за воведување на можност за работа со две апликации во исто време преку поделба на екранот е нешто за кое што се шпекулираше дека ќе биде воведено во iOS 8, најновата верзија од мобилниот оперативен систем од Apple која што беше претставена на почетокот од овој месец на WWDC настанот. Сепак Apple не спомна ништо слично во својата презентација, па се мислеше дека се работело за неточна информација.
iOS 8 ќе биде достапен за корисниците оваа есен, а до тогаш програмерите ќе можат да го тестираат и да почнат да развиваат апликации преку SDK алатката за оваа верзија. Разгледувајќи го кодот и новостите во него, програмерот Steven Troughton-Smith има забележано дека во кодот на iOS 8 е вклучена оваа функција. Дополнително разгледувајќи го кодот во алатката, како и правење на додатни промени во iOS 8 симулаторот за iPad, делумно ја има вклучено оваа функција која што ја прикажува на видеото кое што можете да го погледнете подолу.
Од видеото може да се види дека апликација може да се помести да зафаќа помал дел од екранот и со тоа остава простор на тоа место да биде поставена друга апликација. Во ова демо програмерот нема успеано да направи и друга апликација да биде вклучена до постојната, но сепак може доволно да се види за потенцијалната можност. Апликацијата која што ја користи како пример е Safari и може да се види дека со менувањето на позицијата на екранот се менува и поставеноста на работите и форматот на прелистувачот.
Иако во кодот е вклучена оваа функција, сепак не е познато дали истата ќе биде дел од првата верзија на iOS 8, дали ќе биде вклучена во некоја од наредните верзии или можеби iOS 9, како и дали воопшто некогаш ќе биде вклучена.
Извор: Engadget, Steven Troughton-Smith