Иако основата и блискоста со iOS остануваат, сепак имаше зошто Apple се одлучи за пуштање на верзија од оперативниот систем која ќе има посебни функции за таблет компјутерите од компанијата.
iPadOS 14 продолжува во воведувањето на посебни прилагодувања за таблет форматот, па корисниците на овие уреди ќе бидат уште повеќе задоволни од нивниот iPad, нешто што сме сигурно дека веќе е случајот.
Апликациите кај iPadOS 14, за почеток барем тие од Apple, добиваат редизајн којшто подобро ја отсликува работата на таблет компјутер. Нови се страничните ленти кај апликациите, а тука се и новите менија.
iPadOS 14 ги добива и новите мали ленти на горниот дел од екранот на кои се прикажуваат дојдовните повици и FaceTime повици, со што не се прекинува моменталната работа. Siri исто така ќе се прикажува на долниот дел од екранот, без притоа да се тргне моменталната апликација.
Нешто слично како на macOS, пребарувањето на iPadOS 14 ќе може да се прави од нова лента која ќе се прикажува на средината од екранот. Оваа лента ќе може да се прикажува и над другите апликации, со што пак се овозможува непрекината работа, без потреба од константно префрлување од апликација во апликација, нешто што е повеќе „маана“ на мобилните уреди.
iPadOS 14 исто така донесува и нови можности за користење на пенкалцето од Apple, а тука се и новините кои беа дел од сите оперативни системи на компанијата, поврзани со приватноста. Корисниците ќе бидат многу повеќе информирани за какви информации користат од нив апликациите, а доколку некоја апликација сака да користи одредени информации, ќе мора да го информира корисникот.