После месеци на неофицијални информации и најави дека оваа година ќе донесе доста поголеми новини кај Windows, денеска конечно ќе видиме што донесува наредната генерација од овој оперативен систем.

Веќе сигурно дека ова нема да биде уште една верзија од Windows 10, наредната генерација од Windows донесува доволно новини да истата има и ново име, а тоа ќе биде Windows 11.

Како главна потврда за името се смета „протечената“ верзија од Windows 11, од која можевме да ги видиме повеќето новини кои ќе бидат презентирани, иако за среќа се виде дека Microsoft ќе има што да прикаже што сепак уште не е видено.

Најавите беа дека Windows ќе добие промена во корисничкиот интерфејс, Старт менито, таскбарот, како и кај апликациите од Microsoft. Тоа што исто така треба кончено да се случи е унификација на елементите од оперативниот систем, како што се менијата на различни делови, кои сега имаат различен дизајн.

Од неофицијалната верзија која можевме да ја видиме минатата недела се потврди дека Windows 11 доаѓа со ново Старт мени кое е направено слично со тоа што беше планирано во Windows 10X. Веќе ги нема „живите плочки“ кои се заменети со икони, а тука е и листата на последно користените апликации, документи, слики и слично.

Како голема новина се смета и поставеноста на иконите на таскбарот и Старт менито во средината, но корисниците кои ја сакаат старата поставеност, ќе можат да ги вратат на левата страна. Менито исто така веќе не е поврзано со таскбарот, односно истото „лебди“ над него.

Може да се забележат и промени во ќошевите од Старт менито и останатите прозори и делови од корисничкиот интерфејс, кои сега се заоблени и изгледаат одлично.

Исто така поголема новина е посебен дел кој се појавува од левата страна и зафаќа половина од екранот и на кого се поставени „виџети“. Во неофицијалната верзија тие беа истите од News and Interests функцијата во Windows 10 која неодамна беше пуштена, но се очекува да корисниците добијат поголем избор на виџети со Windows 11.

Би требало Windows 11 да има доста повеќе промени, како на пример кај центарот за известувања кој во неофицијалната верзија изгледаше исто, а во одредени делови исто така можеше да се види нов дизајн стил кој не е целосно применет во ова верзија.

Microsoft најави дека поголема промена може да се очекува и кај продавницата за апликации која треба да овозможи многу повеќе апликации да бидат достапни. Еден начин на кој се очекува тоа да се постигне е преку овозможувањето да се додадат сите видови на апликации, а не само “модерните”. Со ова Microsoft Store ќе стане центар за сите апликации во Windows.

Настанот е со почеток во 17 часот по македонско време, а ќе може да се следи во живо преку страната на Microsoft.

Претходна статијаРСБСП: Статистиката потврдува – мотоциклистите и понатаму најранлива група на учесници во сообраќајот
Следна статијаОдликувани новите предводници на целите за одржлив развој
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.