Наредната генерација од Windows, како што Microsoft ја нарекува, ќе биде презентирана идниот четврток, односно на 24ти јуни на посебен настан којшто го закажаа од компанијата. На овој настан конечно ќе видиме што е тоа што толку месеци го читаме како неофицијална најава за најголемата промена кај оперативниот систем во изминатите години.

Како и обично, што е тоа што ќе биде претставено се појави на интернет предвреме, па сега имаме потврда дека името на Windows официјално ќе биде променето во Windows 11. Се работи за верзија од Windows 11 која уште е во изработка, но е доволна за да ни го прикаже во целост новиот оперативен систем.

Како што се очекуваше, главните промени се тие кои требаше да бидат дел од Windows 10X, но сепак остануваат уште делови кои во оваа неофицијална верзија не се променети.

Дечките од Windows Central ја имаат инсталирано верзијата од Windows 11 и во продолжение можете да го погледнете нивното видео.

Како што може да се види, Старт менито е целосно променето и е направено во сличен стил како што беше во Windows 10X. „Живите плочки“ веќе не се дел од менито, па достапни се само икони кои корисниците можат да ги „закачуваат“ по желба. Под тие икони достапни се предлози за апликации, документи, слики и слично, а ова може да се каже дека е едноставна замена за не толку користената Timeline функција од Windows 10.

Како што се најавуваше, Старт менито има заоблени ќошеви и „лебди“ над таскбарот, а тука е и делумно новото Search искуство, кое сепак го има и во Windows 10.

Уште една новина која доаѓа од Windows 10X е поставеноста на иконите на таскбарот. Тие стандардно се поставени во средината, а тука со нив е и Старт менито, но корисниците имаат избор да ги вратат на левата страна.

Може да се забележи дека конечно се унифицирани менијата низ системот, но сепак не се работи за финална верзија и има доста работи кои се постари, па дури и од Windows 8. Сепак треба да остане и нешто да презентира Microsoft идната недела.

Се очекува идната недела да бидат целосно редизајнирани апликациите од Microsoft, како и Settings апликацијата, кои во оваа верзија може да се забележи дека се со стариот изглед.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаОстануваат уште неколку дена до можноста за македонските стартапи да аплицираат за глобалната програма Accelerate2030
Следна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Како да задржиме правилно држење на телото додека возиме
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.