Apple, нешто што е доста карактеристично за компанијата, доцнеа зад конкурентите со пуштањето на функции со генеративна вештачка интелигенција. Тоа самото по себе не претставуваше некој проблем, а проблемот дојде кога најавените Apple Intelligence функции не беа пуштени во септември со најновата верзија од iOS.
Конечното пуштање на Apple Intelligence беше постепено, а повеќето најавени функции станаа достапни во декември со iOS 18.2.
Реакциите по конечното приклучување на Apple на овој тренд не беа баш позитивни, па заклучоците се дека мал број од корисниците ги користат новите функции, а споредбите со конкурентите ја ставаат Apple Intelligence во уште полоша позиција.
Една од поважните и покорисни новини може да се очекува со iOS 18.4, а тоа е унапредување на работата на Siri, но сепак главниот напредок кај овој асистент може да се очекува дури идната година со iOS 19, а наводно со пуштањето на сопствен голем јазичен модел од страна на Apple.
Од компанијата оваа ситуација сериозно ја сфаќаат, па како што известуваат од Bloomberg, направена е промена на позицијата на Ким Ворат, долгогодишна директорка во Apple. Ворат е позната по својот стил на работа кој е ефикасен и покажува резултати.
Од својата сегашна позиција, која вклучувала работа на Vision Pro и апликации, Ворат ќе биде поставена да работи директно на развојот на Siri и Apple Intelligence, под главниот на тимот за ВИ Џон Џианандреа.
Од ова може да се види важноста на функциите со вештачка интелигенција и решеноста на Apple да не остане долго зад конкуренцијата.