Новите генерации од оперативните системи од Apple, вклучувајќи го и iOS 17, ќе ги видиме идниот месец на WWDC 2023. Од компанијата оваа недела предвреме ни ја пуштија првата информација која е поврзана со овој систем, иако истата сепак не ни открива ништо за главните новини кои ќе дојдат.
Apple претстави неколку нови функции кои се поврзани со „accessibility“ делот, односно делот наменет за лицата со попреченост.
За почеток, корисниците со когнитивна попреченост ќе можат да вклучат поедноставен кориснички интерфејс кој ќе им овозможи на едноставен начин да ги завршат најосновните функции на телефонот. Во тоа се вклучени апликациите како Music, Calls, Messages, Photos и Camera.
Покрај поедноставувањето на корисничкиот интерфејс, достапните функции кај овие апликации се направени со поголеми копчиња, па корисникот нема да биде во ситуација да бара или да се чуди што треба да направи.

Доста корисни новини се Live Speech и Personal Voice. Овие функции се наменети за корисниците кои не можат да говорат, како и за корисниците кои имаат ризик да ја изгубат способноста да говорат.
Live Speech ги изговара на глас напишаните зборови, а тука е и можноста да се додадат често користени фрази за брз пристап. Personal Voice се користи за истата намена, но со глас кој е доста сличен, скоро ист, со тој на корисникот.
За корисниците кои имаат проблеми со видот, тука е новата функција Point and Speak во Magnifier апликацијата. Оваа нова функција ќе им го чита текстот на одредени предмети на корисниците, па тоа може да им помогне во користење на одредени домашни апарати и слично. Оваа функција работи со помош на камерата, LiDAR сензорот, како и машинско учење.
Сите овие новини, како и уште цела листа на помали, може да се очекува подоцна во годината, односно по пуштањето на првата финална верзија од iOS 17, нешто што обично е резервирано за септември.