Фото: Shutterstock.com

Почнувајќи од новите верзии од оперативните системи на Apple, односно iOS 15, iPadOS 15, watchOS 8, како и macOS Monterey, од компанијата ќе почнат да ги скенираат сликите кои корисниците ги имаат на нивните уреди за детска порнографија.

За таа цел од компанијата соработуваат со повеќе организации кои работат со исчезнати деца и деца злоупотребени во порнографија.

Сликите ќе се скенираат на самиот уред, што од Apple го истакнуваат како метода која ќе ја заштити приватноста на корисниците. Скенирањето, барем на почеток, ќе се прави кај корисниците кои имаат вклучено зачувување на сликите во iCloud и нема да се прави во облакот.

Дополнително како заштита на приватноста од Apple истакнуваат ќе биде шифрираниот начин на кој информациите за сликите означени како такви со детска порнографија ќе се чува на самиот уред и само тие што се означени како сомнителни ќе бидат испратени до серверите на компанијата.

Доколку некоја слика биде означена како сомнителна, ќе биде проверена од вработен на Apple, по што ако се заклучи дека навистина се работи за детска порнографија, сметката на корисникот ќе биде блокирана и тој ќе биде пријавен до соодветните власти.

Од Apple уверуваат дека сликите нема да бидат гледани од страна на вработените, а тоа ќе биде случајот само кога системот ќе означи некоја слика за проверка. Тие исто така истакнуваат дека погрешно означување на некоја слика може да се случи многу ретко, односно само еднаш на трилион слики.

Сепак и покрај сите уверувања од страна на Apple, повеќето организации за приватност, како и експерти, ја критикуваат компанијата и истакнуваат дека вакви механизми не можат да се направат без отворање на можноста тие да бидат злоупотребени.

Од Apple исто така најавија дека тие ќе ги известуваат малолетните корисници доколку некој им прати несоодветна слика, нешто што исто така се критикува како намалување на приватноста која корисниците сега ја имаат преку апликациите за комуникација на компанијата.

Според некои, ова е начин на кој Apple имаат најдено некаква средина помеѓу желбата за заштита на приватноста и барањата на властите за овозможување на пристап до шифрираната содржина на уредите.

ИЗВОРGizmodo
ИЗВОР 2ARSTechnica
Претходна статијаNetflix пушти нов „трејлер“ за четвртата сезона од Stranger Things
Следна статијаSamsung го претстави Exynos W920 наменет за паметните часовници и сличните уреди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.