Apple од вчера конечно почна да им нуди на своите корисници пристап до функции со генеративна вештачка интелигенција и големи јазични модели. Apple Intelligence за првпат им стана достапна на корисниците со пуштањето на iOS 18.1, iPadOS 18.1 и macOS 15.1 во текот на вчерашниот ден.
Како што е познато, дел од најавените нови функции во јуни стануваат сега достапни, останатите ќе станат достапни во главно во декември, па ќе остане само целосно новата верзија од Siri за пролет идната година.
За корисниците од Европската Унија чекањето не завршува, па тие ќе ја добијат Apple Intelligence дури во април идната година. Ова секако е поради европските закони кои од една страна донесоа одредени добри промени, но на крајот сепак се работи за огромно мешање на европската бирократија во работата на компаниите.
Ова сепак не важи за корисниците на Mac, па корисниците од ЕУ заедно со останатите во светот од вчера имаат пристап до Apple Intelligence.
Како и за останатите, за користење на Apple Intelligence корисниците мора да го постават јазикот на системот и на Siri на English (US), а од идниот месец достапноста ќе биде проширена на уште неколку јазици.