Apple, како што ни е познато на сите, доста доцни зад конкурентите кога е во прашање додавањето на популарните функции со генеративна вештачка интелигенција. Иако уште во јуни пишувавме дека Apple Intelligence ја донесува ВИ кај уредите од Apple, сепак како што подоцна беше најавено, таа сепак не стана достапна во септември со пуштањето на новите верзии од системите, како и со претставувањето на iPhone 16 серијата.
Програмерите и корисниците кои немаат проблем со користење на бета верзиите, веќе одреден период имаат пристап до Apple Intelligence, но сепак официјално може да се каже дека дури денес корисниците на Apple се приклучуваат на популарниот тренд.
Од денеска официјално се достапни финалните верзии за сите корисници од iOS 18.1, iPadOS 18.1 и macOS 15.1. Со овие верзии на корисниците им стануваат достапни функциите од Apple Intelligence.
За да можат да се користат овие функции, корисниците мора да го променат јазикот на нивниот уред на English (US), а на истиот јазик треба да се постави и Siri. Потоа се симнуваат новите функции, па Apple Intelligence може да почне да се користи.
Оваа прва „тура“ на Apple Intelligence функции, не сите најавени функции во јуни стануваат веднаш достапни, се неколку, а главните се очекуваат во декември и идната година. Сепак, и овие што сега стануваат достапни се нешто што може да им се најде корисно на корисниците.
Во оваа фаза Apple Intelligence на корисниците им донесува можност за измена, пишување и проверка на текст со Writing Tools, кои се достапни на било кој дел каде има текст.
Siri исто така го добива најавениот редизајн, па иако повеќето напредни новини ќе ги добие идната година, сепак и сега има мало подобрување.
Корисниците исто така добиваат можност да пребаруваат во Photos на многу „поприроден“ начин, односно на начин како што би разговарале со човек. Оваа апликација исто така ја добива функцијата „Clean Up“ која овозможува бришење на објекти од сликите.
Корисниците во Photos можат да побараат креирање на „видео меморија“ од одредени настани, одмори и слично, со опишување на тоа што би сакале да биде дел од видеото.