Blackberry-Logo

BlackBerry до пред некоја година беше меѓу најмногу користените мобилни уреди со потенцијал за зголемување на популарноста кај пошироката маса. Меѓутоа со излегувањето на iPhone, како што сакаат да кажуваат од Apple, се се’ смени. Популарноста на многу до тогаш популарни уреди постепено почна да се намалува, на сметка на новиот начин на користење на паметните телефони, со екран на допир кој што работи со капацитивната технологија и апликации.

BlackBerry се обидоа да останат фактор во мобилниот свет со претставувањето на 10-та верзија од нивниот оперативен систем и со претставување на уреди со екран на допир. Меѓутоа пазарниот удел на оваа компанија продолжува да опаѓа и прашање е дали од таму ќе можат да направат нешто да го спречат овој тренд.

Веста која што доаѓа денеска е еден од обидите на BlackBerry да ги задржи своите веќе не толку многу корисници, а можеби да привлече и нови. За таа цел тие имаат склучено договор со Amazon за користење на App Store продавницата за апликации од оваа компанија на нивните уреди со што корисниците ќе добијат пристап до повеќе од 200.000 Android апликации. Со тоа корисниците веќе нема да го имаат проблемот со недостаток на апликации што е карактеристично за не доволно популарните оперативни системи.

Amazon App Store е продавница за Android апликации која што компанијата ја претстави за корисниците на Android уредите уште пред да го имаат својот прв уред. Како што знаете уредите на Amazon работат на целосно изменета верзија од Android и корисниците можат да инсталираат апликации само преку оваа продавница, но не и преку Google Play. Иако Amazon App Store има огромен избор на апликации кој што секојдневно се зголемува, сепак не може да се спореди со бројот на апликации достапни на остатокот од Android корисниците.

Дали оваа одлука на BlackBerry ќе се покаже како успешна останува да видиме. Посебно ова прашање се поставува за нивната стратегија која што сега ги насочува програмерите кон развивање за друга платформа, наместо за нивната. Сепак продавницата за BlackBerry апликации ќе остане да функционира паралелно со таа од Amazon, па корисниците дефинитивно ќе имаат поголем избор.

Извор: The Verge, BlackBerry Blog

Претходна статијаApple претстави нов поевтин iMac модел со почетна цена од 1.099 долари
Следна статијаTwitter додаде поддршка за GIF слики
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.