Можеби заштитата на личните податоци на сите ни е најважна, но од друга страна, отклучувањето на телефонот, односно таблетот десетици пати во денот се чини одзема многу време и би било многу убаво во одредени ситуации тоа да биде елиминирано.
Лично, како корисник на таблет, често ме нервира тоа што треба да го отклучувам секогаш кога треба да го користам, иако не го ставам во џеб и реално не може да се притисне некое погрешно копче, како на пример да сврти на некој број. Google ќе вгради решение за ова во новите верзии на Android, кое ќе го држи телефонот/таблетот отклучен во одредени ситуации, како би бил поупотреблив за корисникот.
Новото решение бара од корисникот само еднаш да го отклучи телефонот утрото, или кога и да станува и потоа телефонот секогаш да биде отклучен, односно достапен само со притискање на копчето за будење на телефонот. Благодарение на акцелерометарот, кој е вграден во скоро сите паметни телефони денес, системот ќе знае кога е мобилниот во џебот или ташната и со самото вадење, автоматски ќе го отклучува телефонот. Што значи дека се додека сте во движење, телефонот, односно таблетот ќе останат отклучени. Од друга страна, доколку го поставите паметниот телефон на маса, системот автоматски повторно ќе го заклучи.
Сепак, за оние загрижените за приватноста, решението на Google нема да знае дали Вие или некој друг ви го носи телефонот во рацете, што е нешто кое мора да се има на ум кога се користи новиот Android Lock. За среќа, ова може и да се исклучи во системските прилагодувања, скоро како и сите други функции во оперативниот систем на Google, па изборот ќе биде на корисникот.
Надградбата со ваков софтвер први ќе ја добијат Nexus уредите и тоа преку Google Play Store, што значи дека нема да е потребна целосна надградба на оперативниот систем. Инаку, Google веќе направи една надградба која овозможува екранот за заклучување да се исклучува и кога сте дома или на работа, што се прави преку GPS сензорот за локација, па решението за во „џеб“, односно во движење, ќе биде само додаток на веќе постоечките можности.
Извор: The Verge, TechCrunch